Економија
„Магна Мирорс“ отвори фабрика во Струга
Во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга денеска официјално беше отворена фабриката на канадската „Магна Мирорс“ во која ќе се произведуваат ретровизори за автомобили.
Премиерот Димитар Ковачевски на официјалното отворање рече дека новите инвестиции се потврда за успешните владини политики и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.
Ковачевски посочи дека новата инвестицијата во Струга за Владата е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој, за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за нашата економија.
„Ваквите инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции. И според Индексот на ‘Инвестмент монитор’ за 2022 година, кој го споредува бруто-домашниот производ во однос на странските директни инвестиции, постигнавме импресивни резултати. Како земја сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување гринфилд инвестиции. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции за проширување. Инвестициите во обновливите извори на енергија се водечки сектор за влезни Странски директни инвестиции во земјава со седум проекти, а веднаш потоа на второ место се рангирани секторот за автомобили, софтвер и ИТ-услуги, секој со шест инвестиции. Ова е резултат на нашиот стабилен деловен амбиент, на членството во НАТО, како и на почетокот на преговорите со Европската Унија. За нас како Влада ова е силна потврда за успешниот концепт на ТИРЗ и Владата, кој го спроведуваме веќе 18 месеци. И во време на глобални предизвици, постигнавме договори од над 620 милиони евра инвестиции, што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години“, рече премиерот и упати порака до инвеститорите и покрај најголемата светска криза и предизвиците пред кои сме сите исправени, да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија.
![]()
Дејвид Креспи, потпретседател на компанијата „Магна интернационал“ истакна дека новата инвестиција на „Магна“ во Струга е првиот производствен капацитет на компанијата во Северна Македонија, кој ќе поддржи неколку европски производители на автомобили.
„Зафаќа површина од приближно 17.000 метри квадратни, во објектот веќе се работи и од почетокот на оваа година има повеќе од 300 вработени, а се очекува да вработи над 1.000 вработени до 2024 година како што се ќе зголемува бизнисот ќе расте и бројот на вработени. Возбудени сме поради отворањето на првата фабрика на Магна во Северна Македонија и можности што ги носи да го зголемиме нашиот удел во Источна Европа и да создадеме нови работни места во регионот“, рече Креспи и потенцира дека Владата на Северна Македонија и локалната заедницата се многу кооперативна и силно верува во континуираната соработка со цел поддршка на нашите клиенти понатаму“.
Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, ги истакна позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, кои значат нови вложувања и вработувања.
„За мене вистински развој е кога вложуваме во подобар живот за луѓето и отвораме можности за напредок, оти луѓето се тие што ја движат и развиваат економијата, а не капиталот. Токму затоа сум горд дека со вложување во вакви технолошко напредни компании како ‘Магна’ кои носат добро платени работни места, отвораме шанса за пристоен живот на над 1.300 наши сограѓани овде. Особено ме охрабрува тоа што во време на глобални економски предизвици со паметен пристап успеваме да креираме добра деловна клима и да ја добиеме довербата на постојните и нови инвеститори. Само во изминативе 18 месеци со новиот концепт на ТИРЗ постигнавме договори во висина од 620 милиони евра кои носат над 4.000 нови работни места. Владата и ТИРЗ остануваат посветени партнери на ваквите инвеститори. Продолжуваме заедно во уште вакви нови успешни приказни“, рече Деспотовски во своето обраќање.
На настанот присуствуваа и претставници на менаџментот на компанијата, вработени, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, како и бројни гости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

