Економија
Македонско катче во Националната библиотека во Осло: Ротари-клубoт „Камен мост Скопје“, данскиот и норвешкиот конзулат во Скопје донираат 377 книги на македонски јазик
На иницијатива на Ротари клубот „Камен мост-Скопје“, потпомогната од Данскиот и Норвешкиот конзулат во Скопје, ќе се донираат 377 книги на македонски јазик на Националната библиотека во Осло. Проф. Д-р Радмила Димовска, при нејзината посета на Националната библиотека во Осло, која е една од најпрестижните во Европа, констатирала дека не постои катче на македонски јазик:
„При вообичаена посета на библиотеката, утврдив дека на нејзините полици недостасуваат македонска литература и македонски автори. Оттаму произлезе интересна идеја за акција на Ротари клубот ‘Камен Мост’ во кој во моментот ја вршам должноста Претседател. Преку моите колеги во Норвешка, кои иницијално го направија контактот со библиотеката, наидовме на воодушевување за можноста да ја збогатат својата литературна ризница со книги на македонски јазик. Стапивме во контакт со Издавачкиот центар ‘ТРИ’ и ‘Македонската Асоцијација на издавачи’ и акцијата финишираше успешно, со примопредавање на книгите во Норвешкиот конзулат во Скопје“, истакна Проф. Д-р Димовска.


Од 2022 година, македонскиот јазик организирано се изучува во Осло. Во моментов има четириесетина интересенти кои активно посетуваат часови по македонски јазик еднаш неделно. Особен предизвик на изучувачите на македонскиот јазик во Норвешка било отсуството на јавно достапни книги на македонски јазик.
Претседателот на „Македонската Асоцијација на издавачи“ и главен уредник во Издавачкиот центар „ТРИ“, Бојан Саздов, изрази задоволство што се дел од реализацијата на оваа благородна иницијатива:
„Благодарам на Ротари клубот ‘Камен Мост Скопје’ и на Конзулатот на Норвешка во РСМ, за идејата македонскиот јазик и книжевност да најдат свое достојно место во норвешката Национална библиотека – најголема во државата, каде наскоро македонската книга за првпат ќе добие своја позиција меѓу сите светски книжевности. ‘Македонската Асоцијација на издавачи’ е благодарнa на своите членки, кои ја прифатија поканата да донираат дел од своите изданија за оваа цел – и помогнаа да собереме стотици книги, репрезентативни дела од нашата современа книжевна продукција, дела од македонски автори како и преводи на популарни дела од скандинавската литература“, истакна Саздов, изразувајќи надеж дека ваквите иницијативи ќе продолжат во иднина, со цел афирмација на македонската книжевност во светот и зголемување на достапноста до истата за сите Македонци што живеат надвор, но и на оние што сакаат за првпат да се запознаат со македонскиот јазик и култура.



Поддржувајќи ја иницијативата, Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, кој истовремено ја извршува функцијата на Генерален конзул на Кралството Данска и Конзул на Кралството Норвешка, а членува и во Ротари клубот „Камен Мост“ Скопје, презема обврска за испорака на пратката, која своевремено се поткрепува со донација на уште шеесеттина македонски наслови:
„Срдечно ја поздравувам иницијативата на д-р Радмила Димовска, која изминативе неколку месеци заедно со членовите на клубот посветено работеше на собирање на што повеќе наслови на македонски јазик и соодветно опремување на македонското катче во Националната библиотека во Осло. Особено ми е драго што се вклучивме со логистичка поддршка и дополнителна донација на преводи на македонски јазик од дански и норвешки автори и збирки поезија од Ана Бунтевска. Се надевам дека оваа акција нема да запре со една пратка. Повикувам и апелирам на нејзино продолжување, кое секако сме тука да го поддржиме“, изјави Мукаетов.
Националната библиотека во Осло е ценета норвешка културна институција, чија мисија е зачувување на минатото, во служба на иднината. Таа претставува литературен дом на автори од речиси цел свет, а на иницијална идеја на Македоци кои живеат во Норвешка, Проф. д-р Васка Вандевска Радуновиќ и Др Снежана Димитроска, ќе добие и македонско катче, кое ќе има суштинска улога во негувањето на македонскиот јазик.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

