Економија
Македонско-швајцарска бизнис-организација за зајакнување на економската соработка со Швајцарија
Претседателката на Македонско-швајцарскиот бизнис клуб, Јасминка Талеска, оствари работна средба со амбасадорот на Република Северна Македонија во Берн, швајцарска конфедерација, Кенан Рамадани на која се разговараше за воспоставување деловна организација, комора или бизнис клуб, на швајцарски компании која ќе делува во Швајцарија во насока на интензивирање на економската соработка помеѓу двете држави.
„Со амбасадорот Рамадани ги споделивме заедничките размислувањата за поширокиот бенефит од поврзување во една мрежа на швајцарските и македонски компании. Идентификуван е голем потенцијал за натамошно унапредување на соработка меѓу компаниите од двете земји што ќе резултира со зголемена трговска размена и инвестиции. Во оваа комора ќе ги вмрежиме компании кои се регистрирани во Швајцарија и работат таму и во Македонија, а ќе ги поврземе и со бизнис-клубот кој делува во Македонија“, истакна Талеска, додавајќи дека амбасадата ќе даде поддршка за формирање комора во Швајцарија, а Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб преку веќе воспоставените релации и планираните активности исто така ќе даде придонес кон унапредувањето на деловната соработка.
Амбасадорот Рамадани истакна дека владините економски и бизнис-политики се едни од приоритетите на дипломатското претставништво и со тоа и приоритет во планираните активности.
„Во таа смисла во претстојните активности ќе се стави акцент на засилено промовирање на бизнис-придобивките и инвестициите на бизнис-заедницата како во Швајцарска Конфедерација така и на швајцарските бизнис- чинители во Република Северна Македонија, со цел меѓусебно запознавање и таргетирањето на идните заеднички цели“, истакна амбасадорот Рамадани.
Во наредниот период се планира да се организира средба на компаниите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн.
Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб кој делува во нашата земја е формиран во 2019 година со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Скопје и Сојузот на стопански комори на Македонија. Активностите на Бизнис клубот се насочени кон вмрежување на компаниите со швајцарски капитал кои работат во Македонија, застапувајќи ги нивните интереси и посредувајќи во поддршка и унапредување на деловната соработка, како и нивно поврзување со другите бизнис-клубови кои се активни во земјите во регионот.
Бизнис-клубот обезбедува информации и услуги за деловната и инвеститорската заедница и дава поддршка на новите швајцарски инвеститори и промовирање на извозот на стоки и услуги од Швајцарија во Северна Македонија и од Северна Македонија во Швајцарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

