Економија
Манасков: ЕВН и Регулаторна го осиромашуваат народот на рекетарски начин

Стопанската комора за енергетика е на став дека ЕВН и Регулаторната Комисија го осиромашуваат народот на, како што велат, монополски рекетарски начин.
Претседателот на комората, Ѓорги Манасков, порача до претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски да каже која институција ја контролира ЕВН на терен во државата и како.
„Дали се сериозни. По барање на ЕВН , да се зголеми цената на сметките за мрежарина и воведување на нови мерни броила за полесно да врши МОБИНГ и манипулација врз граѓаните и компаниите во Македонија, замислете дека Бислимовски и Регулаторна Комисија ќе им го одобри? Нека каже Бислимовски која институција ја контролира ЕВН на терен во државава и како? До кога ЕВН и Регулаторна Комисија ќе го осиромашува овој народ на овој монополски рекетарски начин???… Засрамете се , и престанете да правите штета. Бидете сигурни дека за ова ЕВН и Регулаторна, ќе мора да сносат сериозни последици еден ден“, пишува Манасков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.
Економија
Апел од Стопанската комора по големиот пожар во Виница: Поддршката на Макпрогрес е поддршка за македонската економија

В петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија.
Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја во предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.
Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.
Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок.
„Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка“, велат од Стопанската комора.
И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.
Економија
„Тесла“ ветува историска исплата за Маск од дури 1 трилион долари

Илон Маск би можел да стане првиот човек во историјата кој ќе добие акции во вредност од еден трилион долари, доколку во следната деценија „Тесла“ ги исполни своите најамбициозни цели, соопшти Управниот одбор на компанијата.
Според новата програма за наградување, Маск нема да добива пари или класични бонуси, туку акции, чија вредност би достигнала историски рекорд доколку плановите се реализираат.
Меѓу условите се вклучени продажба на 12 милиони електрични возила, лансирање на еден милион роботи со вештачка интелигенција и осмократен раст на вредноста на компанијата.
Претседателката на Управниот одбор, Робин Денхолм, изјави дека иако задачите изгледаат скоро невозможно, токму визијата на Маск и неговата упорност се гаранција за успех.
„Задржувањето и мотивирањето на Илон е клучно за ‘Тесла’ да стане највредната компанија во историјата“, порача Денхолм.
Оваа објава доаѓа само еден месец по одлуката на американски суд, со која Маск доби 29 милијарди долари во акции, откако претходно беше поништено грандиозното доделување од 50 милијарди долари поради негова неправедност кон акционерите.
Со новата програма, „Тесла“ испраќа порака дека иднината на компанијата останува тесно врзана за најбогатиот човек на планетата и неговите визионерски планови.