Економија
Манчевски: Ги дефиниравме заедничките цели за дигитална трансформација на регионот
Во завршницата од дводневната агенда на првиот Дигитален самит на Западен Балкан министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржаа прес-конференција на која ги пренесоа пораките и заклучоците што произлегоа од првиот самит за дигиталната агенда на регионот.
„За нас како домаќини задоволство и гордост е што овој настан беше позитивно поздравен од сите учесници и од целата меѓународна заедница. Сигурен сум дека успеавме да организираме настан што ќе служи како одличен пример за организаторите на следниот дигитален самит. Овие два дена слушнавме многу нови идеи, разменивме искуства, разговаравме и договоривме заеднички проекти. Со претставниците на земјите од Западен Балкан, бизнисите, академијата, заедно ги дефиниравме заедничките цели за дигитална трансформација на регионот“, истакна министерот Манчевски.
Тој се осврна на конкретните заклучоци за кои се обврзаа сите земји од Западен Балкан.
„Ние сме подготвени да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме на намалување на цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Се обврзавме дека ќе го подобриме пристапот до широкопојасен интернет, како и да ја следиме имплементацијата на WiFi4EU во земјите членки на ЕУ за да бидеме подготвени за идно негово проширување во ЗБ. Изразивме подготвеност да работиме активно на признавање на дигиталните сертификати и олеснување на прекуграничните доверливи услуги. Заедно ќе работиме и на сајбер-безбедноста и имплементација на директивата за мрежна и информациска безбедност. Договоривме креирање политики за ИКТ-образование и сертифицирање на сите групи на население, како и посветеност за подобрување на дигиталните вештини. Ќе ја зголемиме регионалната соработка и на полето на стартапи, а со размена на искуства ќе создаваме технолошки паркови кои одговараат на критериумите поставени во ЕУ“, информира министерот Манчевски.
Министерот Димитров им се заблагодари на сите поддржувачи на идејата првиот Дигитален самит да се организира во Скопје.
„Агендата на Самитот е дел од стратегијата на Европската Унија, а самитот што ни престои во Софија ќе ги спои напорите на регионот за приближување кон Европската Унија“, рече Димитров.
На прес-конференцијата ѝ претходеше тркалезна маса, на која присуствуваа министрите и шефовите на делегации од земјите од Западен Балкан и ЕУ, на која се дефинираа заклучоците претставени на конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

