Економија
Маричиќ – Азески: Заеднички ќе го трансформираме македонското стопанство во европско
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и главен преговарач на тимот што ќе преговара со Европската Унија, оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на која разговараа за соработката и учеството на Стопанската комора во процесот на преговори.
„Колку подобро се адаптира македонското стопанство, толку ќе биде полесно по влезот во ЕУ. Со Стопанската комора ја зајакнуваме соработката на полето на евроинтеграциите со цел што е можно подобро исполнување на обврските, но и подготовка за можностите што ќе ги донесе идното членство за македонската економија и општество во целина“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Претседателот Азески посочи дека Стопанската комора на Северна Македонија го поздравува почнувањето на процесот и го прифаќа предлог-барањето за вклучување на бизнис-заедницата во преговарачкиот тим. Коморите, вели Азески, мора да бидат вклучени во преговарачкиот процес од самиот почеток кога се моделираат промените како клучна врска со компаниите, што ќе обезбеди транспарентност на процесот кон бизнисот и олеснување на примената (која не секогаш ќе биде лесна и ќе бара драстични промени во работењето на бизнисите). За таа цел, претседателот на Комората ја предложи Јадранка Аризанковска за координатор на преговарачкиот тим од Стопанската комора, која има 33 години работно искуство во коморско работење, сертифициран менаџмент консултант, инструктор и ментор за проекти и менаџмент-процесите во компаниите, проект-менаџер на повеќе од 10-ини проекти во Комората реализирани од европските програми преку Европската комисија и повеќе од 20 години работно искуство од директна соработка со европските институции за теми што придонесуваат за приближување на македонската економија кон европското законодавство.
„Верувам дека експертите од Стопанската комора, кои ќе бидат вклучени во работата на преговарачките работни групи од почетокот на пристапните преговори, ќе дадат значаен придонес во исполнувањето на европските обврски како со професионално знаење така и со директни контакти и инпути од бизнис-заедницата“, истакна Маричиќ посакувајќи ѝ успех на Аризанковска и добра соработка со Секретаријатот за европски прашања.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, го информира претседателот Азески дека преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и да се затворат што е можно побргу, во согласност со новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ. Тие треба да овозможат сериозни промени во економијата и во другите области (правосудство, владеење на правото, животна средина, институции), кои не може да се постигнат без ставање во некаква рамка и доследно спроведување. Преговарачката структура од македонска страна ќе вклучува експерти, државни службеници со долгогодишно работно искуство на ова поле, експерти и стручни лица од бизнисот, надвор од институциите, но и надвор од државата, кои имаат искуство со водење преговори и пристапување други држави во ЕУ, со цел ефикасни и успешни преговори за справување со сите предизвици.
Улогата на Стопанската комора на Северна Македонија во процесот на преговарање со ЕУ е од голема важност бидејќи ќе придонесува за подигање на свеста во деловното опкружување, што значи да се биде дел од единствениот европски пазар, и влијанието за економскиот раст, креирањето нови работни места, подобрување на конкурентноста на претпријатијата, нивото на инвестиции и др. Одредниците што ги покриваат поглавјата од економија се однесуваат на критериумот на функционална пазарна економија. Дополнително, Европската комисија, а сега и земјите членки, ќе воведат нови индикатори преку кои ќе го мерат прогресот и ќе има еден позасилен двонасочен комуникациски канал во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

