Економија
Мартовските пензии со дополнителните 1.000 денари ќе почнат да се исплаќаат од 29 март

Владата ја разгледа и усвои информацијата за исплата на пензии за март 2022 година и го задолжи Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.3.2022 година, а на деловните банки им препорача да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мартовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.3.2022 година.
Деловните банки, преку своите филијали и експозитури, ќе обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите што не користат картички во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата, и тоа:
– за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.3.2022 година (вторник);
– за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.3.2022 година (среда);
– за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.3.2022 година (четврток) и
– за пензии со висина над 18.001 денар, исплата да се изврши на 1.4.2022 година (петок).
Во пензиите за март се вклучени првите 1.000 денари, кои како дополнителна финансиска помош пензионерите ќе ги добијат и со априлската и со мајската пензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,38 п.п., при што во март таа изнесува 2,18%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,35 п.п. и изнесува 5,15%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Вонреден состанок на Божиновска и Бислимовски: МЕПСО може да исклучува фотоволтаици за стабилен систем за 1 Мај

По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.
Одлуката е донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за престојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат,“ изјави министерката Божиновска.
Оваа мерка, која за првпат беше применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растерети електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност, велат од Министерството за енергетика.
Економија
Ристески не очекува поскапувања од четврток: Се надевам дека трговците ја научија лекцијата

Ако цените нагло почнат да скокаат од четврток, кога истекува сегашната мерка за ограничени маржи до 10 %, мерката може да продолжи, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој смета дека со сите досегашни мерки трговците ја научиле лекцијата и нема вештачки да ги креваат инфлацијата и цените.
Првин ќе видиме какви конечни резултати даде мерката. Од она што го имавме досега од Државниот завод за статистика, резултатите беа добри, ги знаете податоците, но крајните резултати ги чекаме наредната недела.
„Ако има потреба, би продолжиле со мерката, ако нема, тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото сите оние учесници во синџирот на трговијата ја научија лекцијата дека, пред сè, треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Ние сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, односно да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и на цените кога нема економски услови за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата“, рече заменик-министерот Ристески.
Според досегашните податоци од Државниот завод за статистика, досегашната мерка, според Ристески, дала добри резултати, но за одлука дали таа ќе продолжи, ќе ги почекаат конечните резултати. Тие ќе бидат готови следната недела.
Во февруари годинава, Владата, за да го заузда покачувањето на цените, донесе одлука за ограничување на профитните бруто- маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена со важност до крајот на април.