Економија
МЕПСО: Некоректно е цената на струјата да се споредува со просечната плата
Голото споредување на цената на мегаватчаселектрична енергија со просечна плата во нашата земја е некоректно, велат од МЕПСО. Оттука додаваат дека ваквото споредување никому не му помага и создава конфузија кај граѓаните.
„Такви споредби се погрешни и водат кон погрешни заклучоци, кои немаат економска логика, туку оставаат впечаток дека критиката е неконструктивна“, наведуваат од акционерското друштво.
Додаваат дека во одредени сегменти на нашето општество сè уште постојат предрасуди и за најмала промена на цената на електричната енергија.
„Некои од критичарите на цената на електричната енергија во исто време за мобилен телефон со интернет-забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија. Понатаму, како висока сметка за електрична енергија се третира и сметка кога оваа најскапа енергија се користи за загревање цела куќа или голем стан. Коректно е да се укаже дека за најзагрозените семејства е предвидена субвенцијата за енергетска сиромаштија, која обезбедува пристапност до електрична енергија за сите граѓани на државата. Прашањето е многу комплексно за да се банализира со неаргументирани напади врз електроенергетските компании и регулаторното тело, кое го респектирало барањето“, нагласува МЕПСО.
Во соопштението се наведува и дека електричната енергија е основиниот двигател на сите сегметни во современото општество поради што сите треба да сме свесни за важноста на функционирањето на целиот електроенергетски систем, а тоа е неостварливо без неопходните вложувања за негова непречена и доверлива работа. МЕПСО нагласува дека секоја година подготвуваат инвестициска и програма за одржување, каде што најдомаќински се планираат потребните инвестиции, а за нив имора да се има предвид дека во земјата нема произведител на потребната опрема за трафостаници и далноводи и поради тоа целата, опрема се набавува од странски производители.
„Секогаш сме посветени на определбата за намалување на трошоците онаму каде е оправдано. Спремни сме и за стручна расправа на таа тема. Тарифата на АД МЕПСО 6 (шест) години во континутитет е намалувана, со што се доведени во прашање ликвидноста на компанијата и нејзиното функционирање. Тарифата е најголемиот извор од каде што се покриваат сите инвестиции за преносниот систем нормално да функционира. АД МЕПСО нема можност да се откаже од своето учество во цената на струјата затоа што нè чека економски развој на државата, кој без стабилен преносен систем е невозможен.
Во исто време, напоменуваме дека АД МЕПСО е општествено-одговорна компанија, која во контиунитет осум години издвојува значајни средства (до 2 отсто од своите приходи) за проекти од јавен интерес од областите на: здравството, образованието, културата и спортот. Воедно, во истиот период дава стипендии на студенти од електроенергетските насоки на државните факултети во Скопје и Битола, во соработка со ЕВН и АД ЕСМ, вложувајќи на тој начин уште повеќе во иднината на електроенергетскиот систем“, додава МЕПСО во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

