Економија
Милионитиот PEUGEOT 3008 излегува од производните ленти во фабриката во Сошо
Пет години по лансирањето, PEUGEOT 3008, еден од најпродаваните модели на брендот, веќе го слави својот милонити модел, кој излезе од производните ленти во фабриката во Сошо. Вработените на интересен начин го прославија лансирањето на ова милионито возило – PEUGEOT 3008 Hybrid.
Огромен успех: најновата генерација на PEUGEOT 3008 веќе ја помина границата од еден милион. Произведен во Европа и Кина, започна со освојување на експертите уште пред да се појави на пазарите, бидејќи има добиено седумдесет и шест награди ширум светот, вклучувајќи ја и престижната награда „Автомобил на годината“ во 2017 година.
Во Франција, PEUGEOT 3008 е лидер во својот сегмент уште од првиот месец по појавувањето на пазарот. Во Европа, тој е на второто место во сегментот SUV во 2021 година. Исто така, зазеде силна позиција во Јужна Европа, каде што е број еден во Португалија и број два во Италија и Шпанија.

Европа сочинува 65% од продажбата на PEUGEOT 3008. Неговите главни пазари надвор од Европа се Турција, Израел, Јапонија и Египет. Повеќе од 80% од продажбата на PEUGEOT 3008 се верзии со автоматски менувач, а речиси 38% се од повисоките сегменти, што совршено го илустрира позиционирањето на брендот PEUGEOT на пазарот.
PEUGEOT 3008 ја нуди најновата генерација на системи за помош при возење, како и PEUGEOT i-Cockpit® со нов висококвалитетен дисплеј и нов 10-инчен екран на допир со висока резолуција. Возилото е совршено олицетворение на „моќта на избор“, нудејќи хибридни мотори на полнење, погон на две или четири тркала и мотори со внатрешно согорување, комбинирајќи ги уживањето во возењето и ефикасноста.
PEUGEOT 3008 ги освои клиентите благодарение на своите динамични квалитети и препознатливиот, современ надворешен изглед. Внатрешноста, со својот i-Cockpit®, нуди технолошка, топла и пријатна атмосфера, многу поинаква средина во која клиентите се чувствуваат удобно и едно од најдобрите нивоа на целокупно задоволство во Европа.

(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот
„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.
Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).
„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.
Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
МЕМО и словенечката енергетска берза БСП потпишаа договор со кој започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден
Во просториите на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска официјално беше потпишан Договор со словенечката енергетска берза БСП, како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговски платформи и клиринг платформа за пазарите на електрична енергија во сегментите ден-однапред (Day-Ahead Market) и пазар во тековниот ден (Intraday Market).
Пазарот ден-однапред во нашата земја успешно функционира од 10 мај 2023 година, кога започна тргувањето на организираниот пазар на електрична енергија и од тогаш соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ бележи континуиран раст. Дополнително, во заедничка соработка до крајот на вториот квартал од 2026 година ќе биде воспоставен и пазар во тековниот ден.
Договорот, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Со овој Договор, МЕМО прави значаен исчекор во насока на унапредување на функционалноста на организираниот пазар на електрична енергија и негова подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, информираат надлежните.
„Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија. Изборот на реномирани берзи како БСП и ЕПЕКС СПОТ, со кои веќе имаме воспоствено соработка базирана на доверба и резултати е потврда за нашата посветеност кон транспарентен, сигурен и ефикасен пазар“, изјави управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на Договорот се одржа и kick-off состанок со претставници на БСП, на кој официјално започнаа активностите за дополнително воспоставување на пазарот во тековниот ден, со цел истиот да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
„„МЕМО и Северна Македонија денес направија значаен и стратешки исклучително важен чекор кон интеграција во европскиот пазар на електрична енергија. Потпишувањето на договорот за воспоставување на пазарoт во тековниот ден и имплементацијата на проектот, чија реализација е предвидена да заврши во вториот квартал од 2026 година, претставуваат важна пресвртница во процесот на интеграција на земјата во европскиот пазар на електрична енергија.
Со јасна и амбициозна насока, како и со силна поддршка од надлежната министерка и министерството, Северна Македонија продолжува да остварува убедлив напредок на патот кон целосна интеграција во европскиот пазар на електрична енергија – препознаен и во регионот и во рамки на Европската Унија. Високоефикасните тимови на МЕМО и БСП и ЕПЕКС СПОТ, заедно со поддршката од министерката и Министерството, претставуваат силна и јасна гаранција дека Северна Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот што ќе се приклучат кон Единствениот европски пазар на електрична енергија.
Ова е наша заедничка и силна заложба, изградена врз експертиза, доверба и одлично партнерство. Горд сум што јас и мојот стручен тим од БСП сме дел од овој значаен проект“, изјави Предовник.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар.
„Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот. Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори. Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, нагласи Божиновска.

