Економија
Министерство за земјоделство: Аплицирајте за директни плаќања за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува земјоделците навремено да аплицираат за директните плаќања за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства кои одгледале и продале или заклале говеда во регистриран кланичен капацитет запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, за период од мај 2022 година до април 2023 година. Висината на директните плаќања изнесува 1.500 денари по продадено или заклано грло говедо.
Дополнителни субвенции се предвидени од подмерката 2.5 за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет. Кај оваа подмерка како корисници се јавуваат земјоделските стопанства кои одгледале и продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, односно се корисници на подмерката 2.5 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година.
Услов за остварување на право за дополнителната субвенција е грлата говеда да не се помлади од 8 месеци и да не се постари од 24 месеци, потоа да имаат минимална тежина од 450 килограми на денот кога се предадени на колење во регистриран кланичен капацитет. Дополнителната субвенција е прифатлива за следните раси на говеда: сименталско, оберинталско, монтафонско, херефорд, шароле, абердин ангус, белгиско плаво, лимузин и истите да се чувани најмалку три месеци во одгледувалиштето до денот пред да се предадат во кланичен капацитет. Висината на дополнителните директни плаќања изнесува 4.000 денари по продадено или заклано грло говедо.
Крајниот рок за поднесување на апликации за субвенции за 2023 година за растително и сточарско производство е до 30 јуни 2023 година. Земјоделците барањата можат да ги достават секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ или електронски преку веб страната на Платежната Агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

