Економија
Министерството за финансии: Новите услови го зголемија интересот за „Купи куќа – купи стан“
Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа – купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. Од МФ велат дека за неполни три месеци кога стапиле во сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, а причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.
„Во согласност со новите услови каматната стапка за моделот ‘субвенција на рата’ за првите три години изнесува 2,9 процента, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот ‘субвенција на учество’. Таа сега изнесува 4 проценти за целото времетраење од исплатата на кредитот зголемена за 6-месечен еурибор. За младите до и со наполнети 35 години се воведе нов модел ‘Kупи стан за млади’“, велат од Министерството.
Притоа, корисниците што ќе го одберат моделот „субвенција на рата“ од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата во првите пет години од отплатата на станбениот кредит. Така, на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра.
Оние, пак, што ќе го изберат моделот за помош при отплата на учеството од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра.
Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, појаснуваат од Министерството.
Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години“. Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција.
Лицата над 35 години ќе добијат субвенции од 80 отсто од месечната рата во првите пет години за изградба или купување нова куќа или 80 проценти од учеството при купување или изградба на куќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

