Економија
Министерството за финансии: Покачувањето на прагот за мали пратки дејствува контра сивата економија
Мерките што ги иницираме и носиме се однесуваат на намалување на сивата економија, поволности за даночните обврзници и поедноставување на постапките, вклучително и за сметководителите – накусо, сосема спротивно од тврдењата изнесени денес од Комората на сметководителите, соопшти Министерството за финансии.
„Посочуваме – еден од главните приоритети на Министерството за финансии е токму борбата против сивата економија и носење мерки против неа. И преку подигање на прагот за ослободување од царина кај малите пратки до 90 евра посредно се дејствува контра сивата економија. Зошто? Бидејќи со зголемување на прагот за ослободување се намалуваат мотивите за избегнување плаќање увозни давачки – и стоките влегуваат по регуларен пат. Да напоменеме дека граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин и претходно и сега може да внесат стоки во вредност до 350 евра, што е значително повисока сума од нарачување по пошта. Исто така, ќе посочиме дека ова е препорака на Европската комисија, која укажа дека прагот за ослободување претходно бил премногу низок, како и дека има негативни последици од тоа. Инаку, прагот за ослободување во согласност со ЕУ и ЦЕФТА-препораките е дури повисок од оној што е воведен, односно 150 евра. Министерството за финансии ги калкулира буџетските импликации за оваа мерка оценувајќи ги како незначајни со оглед на многуте придобивки од мерката.
Покачувањето на прагот за ослободување од царина при порачка на мали пратки им овозможува поголем избор на граѓаните – ако купуваат од странство, ќе купуваат и од дома, како што ќе расте домашната понуда. Со тоа ќе се развива е-трговијата и ќе се создадат многу можности, особено за малите и средните претпријатија во земјата. За тврдењата дека ќе се препродаваат производи – секако дека имаме конкретни мерки, а се работи и на акциски план, со кои се и ќе се адресираат сивата економија и нелојалната конкуренција, како и конкретни мерки за сивата економија во е-трговијата, за што е формирана и работна група и имаше организирано јавна дискусија на која присуствуваа и коморите“, се вели во соопштението.
„Во однос на тврдењата на Комората на сметководителите за нови оптоварувања поради образецот даночен биланс, тие се сосема неосновани. Во даночниот биланс се имплементирани двете измени донесени со Законот за данок на добивката, кои се многу поволни за даночните обврзници. Тоа се измени што поминале претходно во Собрание поминувајќи ја собраниската и владината процедура, односно биле комуницирани во јавност – следствено, ова не се новини.
Законските измени носат само поволности за даночните обврзници, а не дополнителни оптоварања и тие се во интерес на даночните обврзници. До 15 март даночните обврзници имаат доволно време да го поднесат даночниот биланс. Даночниот биланс е извештај и со него не се менува законот. Меѓу другото, со новиот даночен биланс значајно се прецизираат даночните позиции, што, секако, е форма на олеснување на сметководителите.
Во однос на обрасците за регистрација и дерегистрација за ДДВ, до нив може да се пристапи преку електронскиот систем „Е-даноци“ и да се изврши електронско поднесување. Исто така, Министерството за финансии направи прирачник за ДДВ-обврзници, каде што на едноставен начин е објаснета постапката за регистрација и дерегистрација. Тој е објавен на веб-страницата на Министерството за финансии https://finance.gov.mk/files/priracnik_ddv_obvrznik.pdf. Ќе напоменеме дека и покачувањето на прагот за регистрација од еден милион на два милиона денари за ДДВ-обврзник е во насока на барањата на бизнис-заедницата, а како форма на поддршка и намалување на товарот токму на малите и средните претпријатија“, се додава во соопштението.
Министерството за финансии соопшти дека секогаш е подготвено за разговор со бизнис-заедницата заради подобрување на условите за водење бизнис и во таа насока во наредниот период ќе иницира средби на кои ќе се разговара за нови мерки, постапки и процедури заради оставарување на заедничките цели.
„По барање на бизнис-заедницата, а заради подобрување и поедноставување на примената, прогресивниот данок на личен доход беше одложен, што беше поздравено и од страна на коморите. Одложена беше и примената на повисоката даночна стапка од 15 отсто, како и почетокот на даночењето на каматите на депозити и капитални добивки од хартии од вредност. Во насока на олеснување на постапките и процедурите за бизнисот, минатата година беше укината и сметкопотврдата за суми до 6.000 денари – документ останат уште од времето на Југославија, кој веќе немаше намена. Токму сметководителите, голем број од нив, јавно го поздравија ова бидејќи ја олеснува нивната работа“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

