Економија
Мицкоски најавува инвестициски бум од речиси 2 милијарди евра: ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира и железничкиот транспорт
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува планот за инфраструктурен бум што беше најавен за Македонија за 2025, изјави:
„Да, тоа ќе биде еден, би рекол, инфраструктурен бум, ако можам така да го наречам. Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Кога сето тоа ќе биде завршено ,граѓаните ќе патуваат и ќе може да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час во просек.
А карго-возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе може, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четирипати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго-превозот кшто ќе транзитира низ нашата држава туку да има и зголемен интерес за повеќе композиции, на кои, секако, поради побрзиот транзит, ќе им биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десетпати да се зголеми. Двапати по основ на интерес и четири-петпати по основ на брзина. Така што, во нето-износ тоа да биде најмалку десетпати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е на „Македонски железници“ годишниот приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така, инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции помеѓу 190 и 200 милиони евра или вкупно заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра.
Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“. Пред состанокот на извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме за стратегијата, пристапот и за начинот на кој тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од она што беше во минатото“.
Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10 и дали тој е дел од планот за раст.
„Дел од планот за раст, но и дел од најавената инвестиција што врз основа на договор на Влада со Влада ќе го потпишеме. Многу бргу, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

