Економија
Мицкоски: Оптимист сум дека растот на БДП ќе биде помеѓу 3,5 и 4 проценти
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање поврзано со проекциите на Европската комисија и за економскиот раст на Македонија, изјави дека растот се темели на реализација на инфраструктурните капитални проекти како и на зголемена потрошувачка, што е резултат на порастот на платите.
„Па, тој се темели на реализација на инфраструктурните капитални инвестиции и потрошувачката, поради растот на платите. Тој е позитивен, со позитивни изгледи за државата, иако јас сум оптимист дека ќе биде и поголем. Минатата година, кога бевме избрани како Влада, Светската банка предвидуваше 1,8% раст. Ние тоа го надфрливме со 70-тина проценти, имавме раст од 2,8%. Третиот квартал, минатата година беше 3%, четвртиот 3,2%, а овој очекувам растот да биде помеѓу 3,5% и 4% на бруто-домашниот производ“, напомена Мицкоски.
„Зошто? Затоа што сме една од ретките, можеби единствена во регионот — земја која што има раст на индустриското производство, во првиот квартал. Имаме раст на туризмот. Тука се смее — Зоран Љутков во позадина радосно, се разбира, и задоволно, затоа што од опозицијата заборавиле дека Љутков е министер за култура и туризам.
Во првиот квартал од оваа година имаме раст од повеќе од 10%, на основ на број на туристи и на основ на ноќевања. Што е навистина редок случај во Европа — да не речам, единствен. Имаме раст во аутпутот во земјоделието. Имаме раст и во завршените градежни работи. Потрошувачката е двоцифрен раст.
Така што, имаме раст на директните странски инвестиции, раст на извозот. Иако има криза во автомобилската индустрија, тоа не ја погодува нашата држава. Реализација на капиталните инвестиции на дневна основа. Така што првите индикатори дека одиме на добро веќе јасно се гледаат.
Очекувам во првиот квартал од оваа година да бидеме помеѓу 3,5% и 4%. Инфлацијата е во март 2,7% на годишно ниво, а на месечно е -1. 3%. Во април беше 2,6% на месечно ниво 0,6%.
Така што, ако ги гледаме сите овие индикатори, можам да дојдам до заклучок дека сум уште поголем оптимист и дека има шанси да ја завршиме годината со оние проекции кои што ги имавме со раст поголем од 3,5%“, објасни тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

