Економија
Мицкоски: Претходната власт трошела расипнички, но во првите 100 дена ние покажавме домаќинско работење и ги враќаме долговите
„Со реорганизација на Буџетот во овие први 100 дена, ако ја споредиме фактичката состојба којашто ја наследивме како Влада, од минус 200 милиони евра или отприлика минус 12 милијарди денари, можам да кажам дека веќе овој месец очекуваме да бидеме на позитивна нула.
А, што се однесува до институциите, надвор од Владините институции, министерствата, останатите претпријатија, можам да кажам дека во моментот АД ЕСМ има евидентирани долгови отприлика нешто повеќе од 5 милијарди денари, тоа е нешто над 80 милиони евра и се работи на санирање и намалување на истите. Фондот за здравство е исто така околу 5 милијарди денари, веќе 2 милијарди денари ќе бидат вратени овој месец, ќе бидат вратени оваа година. Ќе се обидеме во следната година целосно да дојдеме до состојба нула, затоа што кога сме во состојба нула и кога не барате одложено плаќање, тогаш и оние коишто ги испорачуваат оние лекарства коишто се потребни за пациентите, ќе бидат поевтини и поквалитетни.
Но тоа не е сѐ, тука се оние јавни претпријатија коишто е Национални шуми, Водостопанство, каде што долговите беа речи си милијарда денари, само по основ на плати беа близу половина милијарда. Или ако сѐ се собере можам да кажам дека, не само што го беа потрошиле Буџетот за помалку од половина година, туку и долговите кои што беа големи се бројат во, она коешто го затекнавме се брои отприлика околу една милијарда евра, нешто коешто претставува историски највисоко ниво на долгови коешто една Влада го наследила.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со долговите на институциите и колку истите во првите 100 дена Владата успеала да ги врати и додаде:
„Но нема очајување, тоа е што е, сега сме се нафатиле за оваа работа, сме ја добиле довербата од граѓаните, работиме многу и ќе продолжиме да работиме. Сите го знаат тоа, не е некоја тајна коешто ова го зборувам јас денеска, ако беа добри немаше сигурно да бидеме ние тука, така што ќе продолжиме да работиме и да ги потсетуваме граѓаните каква лоша и очајна состојба оставија, но истовремено мора да дадеме сѐ од себе за да, или вака да го кажам тоа спортски, да го ставиме срцето на терен за да излеземе од оваа ситуација и мислам дека до крајот на оваа година ќе можеме да кажеме дека сме излегле од оваа ситуација.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

