Економија
Младите истражувачи изработија беспилотно летало
Резултатите од проектот за изработка на дрон со голема носивост за прскање тешкодостапни и инфицирани шуми на тимот ученици од скопската гимназија „Георги Димитров“ и проектот на компанијата „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект поддржан од Фондот за „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“ беа претставени пред учениците.
Презентацијата е во рамките на нова иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој за поврзување и соработка на учениците од основните и средни училишта кои ги поддржува Фондот со домашните компании.
„Целта ни е да ве научиме да размислувате критички и креативно и да сфатите дека преку ваков тип на занимација можете реално да заработувате во иднина, преку поддршката што ја дава Фондот. Ние финансираме многу проекти зад кои стојат млади луѓе. Во моментов тоа се 54 училишта и околу стотина стартап компании. Целта на оваа иницијатива за поврзување на проекти поврзани на слични теми од ученици и компании кои ги поддржуваме е да научите нешто повеќе и како да ги развивате и унапредите своите проекти понатаму. Ве охрабрувам да учите од нивните примери и да креирате свои проекти и идеи кои понатаму ќе може да се комерцијализираат“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.
Проектот „Изработка на дрон за прскање на тешкодостапни инфицирани шуми“ е дел од „Предизвик за млади истражувачи 1“, поддржан од ФИТР, а на него работеа тим ученици, предводен од Марко Лазетиќ и менторката Гордана Николовска, од скопската гимназија „Георги Димитров“. Во својата презентација, учениците го споделија искуството од работењето на овој проект, како и вештините што ги стекнале со ваков тип на проект, како тимска работа, способности за усна презентација и практично учење.
„Идејата со овој проект беше да се овозможи прскање и заштита на тешко достапни шуми. Овој метод е многу поефикасен од стандардното прскање со авиони бидејќи во овој случај со хемикалии се зафаќаат и здрави делови од шумата, а дронот дозволува прскање на одредени дрвја кои се заболени без да се оштетуваат здравите,“ вели Марко додавајќи дека „дронот може да се употребува и на земјоделски површини бидејќи неговото користење е многу поефикасно и побрзо од традиционалното прскање со што се штеди време и средства.“
Покрај средношколскиот проект, на настанот се претстави и домашната компанија „Талент бизнис инкубатор Степ-ап“, со иновативниот проект кој е поддржан од Фондот – „Употреба на дронови за инспекција и надзор на далноводи и дистрибутивната мрежа на струја“.
„Со поддршката на ФИТР, нашата компанија започна со употреба на беспилотните возила и имплементација на проектот. Нашата цел е да им помогнеме на компаниите што се занимаваат со производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, да обезбедат сигурно и безбедно снабдување со струја до крајните корисници, и да ги подобрат процесите за одржување со употребата на побрз, поквалитетен и посигурен надзор на надземните водови,“ истакна Дарко Петровски, претставник на Степ Ап.
Инаку Фондот во рамки на програмата „Предизвик за млади истражувачи“ во моментов поддржува 54 проекти од средни и основни училишта од целата земја во кои се вклучени стотици ученици и професори, а кои работат на свои пронајдоци базирани на сериозно применети научни методи.
Во тек е и реализација на иницијатива за креирање на т.н. „Фонд за млади умови“, во која се вклучуваат и УНИЦЕФ и УСАИД, што претставува сеопфатна програма за одржлива поддршка на талентирани ученици, и поттикнување на иновативноста и претприемништвото кај младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.