Економија
ММФ: Доброто водење на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде високи оценки за монетарната политика, финансискиот и надворешниот сектор, девизниот курс, како и за квалитетот на податоците, кои се во рамките на надлежностите на Народната банка, а кои се предуслов за квалификување за Кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ).
Во извештајот на Мисијата на ММФ врз основа на член 4 од договорот за членство во Фондот, како и првиот преглед во рамките на аранжманот за ПЛЛ, се наведува дека промените на монетарната политика преку зголемување на основната камата и други мерки, заедно со намалувањето на цените на светско ниво, придонесоа кон намалување на инфлацијата. Инфлациските очекувања се зацврстени, а девизниот пазар е стабилен. И покрај кризите, стабилноста на банкарскиот сектор продолжи да се зголемува, а растот на депозитите и кредитите постепено се враќа на предкризните нивоа.
Во извештајот на Мисијата се наведува дека инфлацијата постепено се намалува и дека се очекува таа да продолжи во истата насока стремејќи се да се врати на ниските стапки од претходно. Сепак, ризиците и натаму се присутни. Во овој контекст централната банка треба да биде подготвена, доколку се остварат ризиците, да реагира преку затегнување на монетарната политика, наведуваат од ММФ.
Мисијата оценува дека банкарскиот сектор е соодветно капитализиран, со понатамошен раст на адекватноста на капиталот и историски најниско ниво на нефункционалните кредити од 2,9 %. Се наведува дека поради глобалното монетарно затегнување, Народната банка засилено ги следи ризиците забележувајќи напредок во однос на спроведените стрес-тестови. Како резултат на монетарното затегнување, растот на депозитите и кредитите се нормализира на преткризното ниво, со раст на депозитите од 8,9 % и на кредитите за 5,8 % на годишна основа во септември. Како резултат на макропрудентната политика и мерките преземени од страна на Народната банка, се забележува стабилизирање на пазарот на недвижности. Мисијата посочува дека макропрудентната рамка во текот на минатата година е зајакната со усвојување на Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика, како и усвојувањето на Законот за решавање на банките.
ММФ го потенцира и значењето на независноста на централната банка за успешно остварување на нејзините законски цели.
Првиот преглед врз основа на инструментот ПЛЛ е завршен успешно, при што е оценето дека е зачувана стабилноста на јавните финансии, намалени се енергетските субвенции, како и дека е стабилизирана инфлацијата. Соодветно, ММФ, во рамките на инструментот на земјата ѝ доделува 161,35 милион специјални права на влечење или приближно 200 милиони евра. Инаку, ММФ го доделува инструментот ПЛЛ на земји со стабилни економски основи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

