Економија
ММФ: Изгледите за светската економија се сè помрачни

Изгледите за светската економија денес се уште помрачни отколку во октомври, особено во Европа, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Влошувањето на ММФ му се припишува на заострувањето на монетарната политика со која централните банки се обидуваат да ја спречат тврдоглаво високата инфлација, како и слабиот раст во Кина, континуираните нарушувања во набавките и несигурното снабдување со храна поради руската инвазија на Украина, според „Ројтерс“.
Во октомври меѓународниот заемодавец малку ја намали прогнозата за светскиот економски раст во 2023 година од 2,9 на 2,7 отсто.
Индикаторите потврдуваат дека изгледите се помрачни, особено во Европа, објави ММФ на блог пред самитот на Г20 во Индонезија.
Индексите на менаџерите за набавка, кои ја мерат активноста во индустријата и во услужниот сектор, сигнализираат слабост во повеќето големи економии од Г20. Активноста оди кон негатива, а инфлацијата и натаму е висока, посочува ММФ.
Влошувањето на енергетската криза во Европа сериозно ќе му наштети на растот и дополнително ќе го стимулира растот на цените. Доколку продолжи периодот на висока инфлација, централните банки би можеле да ги зголемат каматните стапки повеќе од очекуваното, а условите за финансирање би можеле да се заострат.
Ова носи поголем ризик од должничка криза за ранливите економии, предупредува ММФ.
На овие ризици им се придружува фрагментацијата на глобалната економија и временските катастрофи, се заклучува во извештајот на ММФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата, да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали кои што се користат во домашната индустрија и енергетика, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со околу 70 производи кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со стопанската комора, вклучува намалување до 50% на царинските стапки кои важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа, зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царини за стоките со потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој што испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот со што директно ќе влијае на раст на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот План за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година, поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти на 72,40 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) скокна за пет проценти на 71,40 долари за барел.
Според Ројтерс, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година, кога започна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на „Брент“ ги одразува не само тековните ризици за снабдување, туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае, за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува Танјуг.
Економија
Инспекторите секојдневно се на терен, угостителите и трговците да издаваат фискални сметки

Управата за јавни приходи ги потсетува сите угостители, трговци и вршители на дејност на законската обврска да го регистрираат готовинскиот промет преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за секоја наплатена стока или услуга.
„Покрај тоа, деловните субјекти се должни да го евидентираат остварениот промет и да го уплатат кај носителот на платниот промет, најдоцна наредниот ден по денот на реализација на прометот. Оваа обврска важи за сите кои вршат готовински промет, без разлика дали се обврзници за ДДВ или не, како и без оглед на тоа дали дејноста е постојана или сезонска“, велат од УЈП.
Од таму додаваат дека активностите се дел од мерките кои Управата за јавни приходи ги презема заради зајакнување на даночната усогласеност и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници.
„Работењето во согласност со законските прописи придонесува за создавање транспарентно деловно опкружување, фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и државата. Непочитувањето на законската обврска и нерегистрирање на готовинскиот промет, согласно ЗРГП повлекува санкции и тоа изрекување глоби и затворање на деловните објекти“, велат од УЈП.