Економија
ММФ со извештај за аранжманот ПЛЛ – високи оцени за монетарната политика, финансискиот сектор и банкарската супервизија
Во најновиот извештај на ММФ во врска со одобрувањето средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност објавен на 28.11.2022 година се наведува дека Народната банка постојано води соодветни политики и соодветно реагира на разни шокови одржувајќи ја успешно стабилноста и бранејќи го девизниот курс на денарот. Во однос на финансиската стабилност, банкарскиот систем е добро капитализиран и отпорен на шокови. За ова, како што се наведува во извештајот, придонесува и ефективната супервизија, која работи по високи меѓународни стандарди, има силна правна и регулативна рамка и соодветни оперативни практики. При спроведувањето на своите функции Народната банка применува силни стандарди за одговорно работење и висок степен на транспарентност во работењето.
Аранжманот ПЛЛ ќе го зајакне закрепнувањето на домашната економија по влијанието на двата последователни шока од пандемијата и руската инвазија на Украина и ќе ги поддржи напорите за зајакнување на макроекономската и финансиската отпорност на државата во услови на значителни предизвици од надворешно опкружување. Воедно, пристапот до средствата на Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ ќе помогне во зајакнувањето на девизните резерви, велат од НБРМ.
ММФ при процесот на одобрувањето на ПЛЛ, меѓу другото, ја оценуваше соодветноста на монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, политиката на девизниот курс, како и соодветноста на статистичките податоци. Притоа оценува дека во однос на сите четири критериуми се постигнуваат силни резултати, што укажува на добра подготвеност на Народната банка да одговори и на идните предизвици.
– Монетарна политика. Во услови на висок раст на глобалните цени на енергијата и храната, што предизвикаа раст на вкупната инфлација во земјата, Народната банка одговори навремено, односно почна со монетарни мерки кон крајот на 2021 година, со интервенции на девизниот пазар за апсорбирање на денарската ликвидност. Од април Народната банка почна и со циклусот на затегнување на монетарната политика и со зголемување на основната каматна стапка. На тој начин се овозможува и зголемување на каматниот диференцијал во однос на стапката на ЕЦБ заради поддршка на девизниот курс на денарот. Народната банка исто така направи измени и кај стапките на задолжителната резерва за да се дестимулира штедењето во евра. Народната банка треба да биде подготвена и за натамошна реакција.
– Стабилност на финансискиот систем. Во однос на стабилноста на финансискиот систем, ММФ посочува дека банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран, со стабилни извори на финансирање, при што главно се потпира на депозити од домашни извори и нема ризик за прекин на изворите на финансирање поврзани со кредитите од странски банки. Според оцените на мисијата на ММФ за членот 4, утврдено е дека не се откриени какви било проблеми што може да ја загрозат системската стабилност. Имајќи ги предвид глобалното забавување и заострените финансиски услови, Народната банка го засили следењето на банките и треба да продолжи со зајакнување на рамката за стрес-тестирање. Потребни се натамошни измени во регулативата заради засилување на макропрудентниот мандат на Народната банка.
– Ефикасност на супервизијата во финансискиот сектор. Според извештајот на ММФ, супервизијата се изведува врз основа на силна законодавна и регулативна основа и добро развиени практики, усогласени и со европските стандарди, според оцената од ноември 2021 година од страна на Европската комисија. Народната банка постапува според препораките во Програмата за детаљна процена на финансискиот сектор (FSAP) за супервизија на финансискиот сектор и се преземени чекори за унапредување на следењето на системскиот ризик, следењето на ликвидноста, подготвеноста за справување со кризи, како и мерки за унапредување на рамката за управување со кризи.
– Политика на девизен курс. ММФ заклучува дека надворешната позиција на земјата е во согласност со фундаментите, а новиот аранжман ПЛЛ ќе биде поддршка за девизните резерви.
– Транспарентност на Народната банка. Извршниот одбор на ММФ како еден од критериумите ја разгледуваше и транспарентноста и интегритетот на податоците, при што и овој сегмент е високо оценет, особено имајќи предвид дека земјата го применува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на ММФ – СДДС плус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство.
За повеќе информации и новитети, посетете ја веб-страницата на Combo.
(ПР)
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.

