Економија
Модернизација и регионално поврзување на платните системи помеѓу земјите од Западен Балкан поддржани од Банката на Италија и Европската централна банка
Во Вашингтон, за време на Годишните средби на ММФ и Светската банка, гувернерот Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, го потпиша Писмото на намери со гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, врз основа на кое Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС (англ. Target Instant Payment Settlement) за овие пет земји од Западен Балкан, согласно одлуката на Управниот совет на Европската централна банка.
Вклучувањето на Народната банка во овој регионален проект е во согласност со акцискиот план на владите на земјите од Западен Балкан за воспоставување Заеднички регионален пазар, којшто меѓу другото вклучува модернизација на платните системи и нивно регионално поврзување и интегрирање со ТИПС на Европската централна банка (ЕЦБ). Преку ТИПС, давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во Европската Унија брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и празници.
Гувернерот Славески истакна дека со овој чекор се официјализира почетокот на воспоставувањето современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзино регионално поврзување со земјите од Западен Балкан, како и со инфраструктурата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Клонот на ТИПС, развиен со поддршка на ЕЦБ, ќе овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на Европската Унија.

„Воспоставувањето платен систем за инстант плаќања, клон на ТИПС, носи голем број придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди. Народната банка ќе овозможи решенија со чија помош граѓаните ќе може да иницираат плаќања на едноставен начин и ќе можат со внесување на бројот на мобилниот телефон на примачот, да извршат пренос на парични средства на друго лице чија платежна сметка не ја знаат однапред. Овие решенија ќе овозможат ефикасно иницирање плаќања на физичките и на виртуелните продажни места без користење платежни картички, што ќе им овозможи на трговците да ги примат паричните средства во рок од неколку секунди и да располагаат со нив веднаш“, изјави гувернерот Славески, при што посочи дека нашата земја прави важен чекор кон интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот платежен простор.
Клонот на ТИПС е наменет за инстантно извршување домашни плаќања во националните валути на земјите од Западен Балкан, со можност за поврзување со ТИПС за извршување плаќања во евра во СЕПА. Целта е да се обезбеди интероперабилност и единствена платежна мрежа меѓу регионот и ЕУ, што ќе го олесни движењето на капиталот и трговијата.
Оператори на платните системи за инстант плаќања ќе бидат централните банки, со тоа што информациските системи на давателите на платежните услуги во земјава ќе бидат приспособени кон барањата и стандардите на клонот на ТИПС, при што техничката инфраструктура е обезбедена од Банката на Италија, со што значително ќе се олеснат развојот и одржувањето на инфраструктурата на централните банки од Западен Балкан, соопштуваат од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

