Економија
„Мудро без хартија“ – кампања на НЛБ Банка за промоција на деловно работење без хартија

Следејќи ја својата стратегија за управување со животната средина и одржлив развој, НЛБ Банка започна кампања под слоганот „Мудро без хартија’ која има за цел да информира и едуцира, но и да ја зголеми свесноста за важноста од зачувување на природата, разумно искористување на природните ресурси и минимизирање на влијанието кое економските чинители го имаат врз животната средина.
Кампањата „Мудро без хартија“, која се реализира на ниво на НЛБ Групацијата, се однесува за сите вработени во Банката, но и за клиентите и целата јавност, нагласувајќи ги заложбите на НЛБ Банка за користење на што помалку хартија во работењето.
„Ние во НЛБ Банка сме посветени на деловно работење без хартија. Во 2022 сакаме да ја намалиме потрошувачката на хартија во нашата Банка за 20%. Со остварувањето на оваа цел ќе успееме да сочуваме повеќе од 100 дрва, затоа што сепак, колку што е важно садењето нови дрва, исто толку е важно да ги сочуваме постоечките. Времето на дигитализација во кое живееме и работиме ни ја овозможува привилегијата значително да го намалиме искористувањето на овој природен ресурс и со оваа и низа други ‘зелени иницијативи’ да бидеме импулс на промени кои придонесуваат кон одржлив економски, еколошки и општествен развој“, истакнуваат од НЛБ Банка.
Се претпоставува дека околу 40% од сите исечени дрва во светот се користат за правење хартија, што е факт кој загрижува, особено ако се има предвид дека станува збор за хартија за краткотрајна употреба. Иако некои земји немаат проблеми со шумскиот фонд, сепак климатските промени не познаваат национални граници. Преку одговорно локално делување, сите заедно даваме придонес кон заложбите на глобално ниво за справување со предизвиците на модерниот свет: климатските промени, загадувањето на воздухот, заштита на животната средина и биодиверзитетот, како и одржливоста на нашата планета.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Нова авиолинија од Скопје до Ларнака во Кипар

Од 31 октомври ќе биде пуштена нова авиолинија од Скопје до Ларнака, Кипар, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„На пат кон Охрид за одбележувањето на празникот Св. Кирил и Методиј сакам да споделам информација за нова авиолинија Од 31.10.2025 почнува новата авиолинија Скопје – Ларнака Кипар! Ова е 11. нова линија за 10 месеци, а е резултат на политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Субвенциите и политиките на Владата за развој на авиолиниите даваат резултати. Продолжуваме да работиме на развојот на авиосообраќајот во Македонија“ објави вицепремиерот Николоски на социјалните мрежи.
Економија
Дурмиши се сретна со норвешка делегација: Зголемен интерес за норвешки инвестиции во Северна Македонија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во просториите на Министерството пречека висока делегација од Кралството Норвешка, предводена од амбасадорката Кристин Мелсом, амбасадор на Норвешка за Северна Македонија и Србија, како и претставници на владини институции и познати норвешки компании.
На средбата се разговараше за можностите за проширување на норвешките инвестиции во Северна Македонија, со посебен акцент на Технолошко-индустриската развојна зона Тетово (ТИРЗ Тетово), која е препознаена од норвешката влада како еден од најзначајните инвестициски проекти во регионот.
Министерот Дурмиши истакна дека иако политичките и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, економската соработка сè уште не го следи истиот интензитет. Според официјалните податоци, вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Норвешка изнесува просечно околу 8 милиони евра годишно – бројка која е релативно ниска во однос на реалниот потенцијал за соработка.
Министерот потсети дека во 2021 година е потпишан Договор за јавно-приватно партнерство со компанијата “Normak Investment Group AD Тетово”. Покрај постоечките инвестиции, како онаа на компанијата LEAR, се најавени и две нови инвестиции, меѓу кои и инвестиција од компанијата “Norsksolar”, која веќе има донесено инвестициска одлука.
Министерот подвлече дека Северна Македонија во моментов привлекува повеќе норвешки инвестиции отколку која било друга земја од Западен Балкан – успех кој ја потврдува довербата и конкурентните предности што ги нуди нашата држава.
Во заклучокот на средбата, министерот уште еднаш го потврди силниот институционален ангажман за подобрување на бизнис-климата, привлекување на странски инвестиции, поддршка на домашните компании и развој на пазарот на трудот, како дел од новите надлежности на Министерството за економија и труд.