Економија
Мукаетов на конференцијата „Предизвикот на промените“ во Ровињ: „Континуираниот раст е возможен само кога целиме надвор од границите“
„’Алкалоид’ е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите.“

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва.
Во рамките на конференцискиот панел насловен „Регионални прваци: надвор од границите“, модериран од страна на Ивана Гажиќ, Претседателка на Управниот одбор на Загрепската берза, Мукаетов се осврна на предизвиците на компанијата низ годините и за време на неговото безмалку дведецениско раководење:

„Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење“, истакна Мукаетов.
Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи: „Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“


Покрај Мукаетов, говорници на панелот беа и Гордан Колак, Претседател на Управниот одбор на „Кончар“; Михал Кенѓа, партнер, инвестициски фонд „Ентерпрајз инвесторс“, и Лука Орешковиќ, Претседател на Советодавниот одбор на „Мплус“, партнер во „Просперус инвест“.
Конференцијата „Предизвикот на промените“, која традиционално се организира од 2012 година, претставува централна платформа за средба на повеќе од 550 претставници од домашната, регионалната и од меѓународната финансиска и бизнис-заедница.

Покрај макроекономските трендови, годинава дел од темите беа и вештачката интелигенција во бизнисот и современите инвестициски стратегии за одржлива иднина.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

