Економија
Муцунски во Виена најави унапредување на соработката: „Австрија е нашиот најголем инвеститор“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денес, престојува во прва работна посета на Австрија, во чии рамки оствари средба со сојузниот министер за европски и надворешни работи, Александер Шаленберг.
Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и високото ниво на политичка и економска соработка. На средбата, министрите ја поздравија развиената секторска соработка со заемни заложби за отворање нови поглавја за унапредување на релациите во полињата кои се од интерес на двете страни. Во тој контекст, Муцунски иницираше засилување на културната соработка, што ќе придонесе за промоција и подигнување на видливоста на Северна Македонија.
Посебен фокус беше ставен на економската соработка, со акцент на странските инвестиции. Во таа насока министерот Муцунски ги спомена растечките заложби на новата влада, за создавање позитивна бизнис клима и креирање услови за привлекување нови странски инвестиции.
„Австрија е наш најголем инвеститор, долгогодишен и докажан партнер во полето на економијата. Посветени сме на понатамошно поттикнување и привлекување нови австриски инвестиции, каде веќе бележиме континуиран позитивен тренд. Продлабочувањето на економските и трговски врски дополнително ќе ја зајакнат одличната соработка и на политички план”, истакна Муцунски.
Воедно, министерот го реафримира нашиот стремеж за искористување на добрите трговски практики на австриската Федерална економска комора за промоција на трговија, со активирање на канцеларијата во Скопје, која би послужила како катализатор на севкупната билатерална трговска размена, а исто така ќе поттикне инвестицискиот бран и ќе го подобри усогласувањето и постигнувањето на инвестициските цели како и промовирање на одржливи, долгорочни придобивки за двете земји.
Министерот Шаленберг изрази задоволство од одличните билатерални односи, истакнувајќи дека Северна Македонија има широко отворени врати за економска и културна соработка. Дополнително изрази силна поддршка за земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси.
Соговорниците ја потенцирана и клучната улога на Австрија во регионот на Западниот Балкан и нејзината континуирана поддршка на процесот на интеграција на нашата земја во Европската унија, како билатерално, така и преку регионалните инструменти како што е групата “Пријатели на Западен Балкан“, трилатералната иницијатива на Славков формaт, Централната европска група Ц-5, а во чии рамки Австрија е водечка земја.
“Високо ја цениме силната австриска поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и регионот како целина. Владата веќе посветено работи на реформските процеси кои несомнено ќе резултираат со напредок на овој пат. Нашето членство во Европската унија нема алтернатива и оттука потребен ни е проактивен пристап во делот на евроинтеграцијата, што ќе ја направи земјава фактор за стабилност во регионот”, порача Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

