Економија
Народната банка: Банкарскиот систем е подготвен да се справи со шокот од корона-кризата
Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто ги разгледа и усвои Годишниот извештај за 2019 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2019 година.
„Како и кризните епизоди од минатото, така и глобалната корона-криза покажува дека за брза и ефикасна реакција, неминовно е постојано да се вложува во институционалниот капацитет, да се водат прудентни политики и да се создава простор којшто може да се искористи кога треба да се справуваме со шокови. И минатата година успешно ја одржавме ценовната стабилност преку одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и обезбедивме натамошно зајакнување на финансиската стабилност во економијата. Притоа, не само што водевме приспособлива монетарна политика, туку и презедовме низа активности насочени кон подобрување на целокупниот амбиент. Во исто време, постојано работевме на јакнење на нашиот институционален капацитет“, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во воведното обраќање на усвоениот Годишен извештај.
Во Извештајот е даден детален осврт на водењето на монетарната политика и на макроекономскиот амбиент, како и на позначајните активности коишто Народната банка ги презеде во текот на минатата година, остварувајќи ги своите законски цели и задачи и унапредувајќи го своето работење во согласност со најновите меѓународни стандарди и добрите практики во централнобанкарската заединица.
„Меѓу другото, во текот на минатата година Народната банка ги интензивира активностите за продлабочување на соработката меѓу финансиските регулатори, како во насока на постојано јакнење на финансиската стабилност, така и во насока на унапредување на финансиската едукација и финансиската инклузија. Интензивно се работеше и се остварија и значајни резултати и во областа на статистиката, при што станавме осумнаесетта земја во светот којашто има пристапено кон највисокиот статистички стандард СДДС плус, а беше пуштен во употреба и новиот статистички веб-портал ‘НБСтат’. Со цел засилено поттикнување на развојот и примената на финансиските иновации, Народната банка ја отвори Портата за иновации – платформа за комуникација со финтек-секторот, а се работеше и на новата регулатива за платежните услуги и платните системи, којашто во голем дел ќе биде усогласена со законодавството на Европската Унија. Во насока на поддршка на електронската трговија се либерализира отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции. Постојано се работеше на приближување на стандардите на Европскиот систем на централни банки, при што беше формиран и Комитет за евроинтеграции. Истовремено, постојано се вложуваше и во јакнење на транспарентноста на Народната банка и на унапредување на комуникацијата со јавноста.
Како што е нагласено во Извештајот, Народната банка и натаму ќе биде посветена и доследна на остварувањето на своите цели. Податоците и констатациите во усвоениот Извештај за ризиците во банкарскиот систем потврдуваат дека системот е здрав и стабилен и поставен на цврсти основи, како и дека е подготвен да се справи со различни шокови, вклучително и со неповолните ефекти од тековната здравствена криза. Народната банка, преку постојаното унапредување на стандардите во согласност со европските регулативи, но и банките со нивното прудентно однесување, овозможија одржување висока и стабилна ликвидност и солвентност. Ова се двата основни столба на стабилноста на банкарскиот систем, чии обем и квалитет секако ќе придонесат банките полесно да се справат со предизвиците коишто ги носи појавата на коронавирусот“, се вели во соопштението.
На крајот на минатата година стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,3%, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. Безмалку половина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на капиталните додатоци утврдени согласно со супервизорската оцена и на заштитните слоеви на капиталот, коишто се особено значајни во кризни услови, кога може да се искористат за справување со предизвиците од различна природа. Спроведеното стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и банкарскиот систем во целина, минатата година отпорноста на шокови е зголемена, споредено со 2018 година.
Како што е посочено во Извештајот, во текот на минатата година, ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, главно поради растот на ликвидните средства, којшто е највисок во последните девет години. Следствено, и показателите преку кои се следи и оценува ликвидноста забележаа подобрување. Дури една третина од активата на банкарскиот систем е ликвидна актива, која покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата. Потврда за задоволителниот обем на ликвидни средства којшто им овозможува на банките непречено извршување на своите деловни активности се и резултатите од симулациите за комбинирани ликвидносни шокови. Тие упатуваат на соодветно управување со ликвидносниот ризик од страна на банките и задоволителна отпорност на претпоставените екстремни ликвидносни одливи.
Во овој период, токму структурниот вишок на ликвидноста и добрата капитализираност на домашните банки придонесуваат за нивниот солиден капацитет и подготвеност да излезат во пресрет на потребите на своите клиенти. Особено значајно е и што минатата година изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик е намалена. Стапката на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намали до историски најниско ниво од 4,8%, односно 95,2% од кредитите на банките се сервисираат редовно или со задоцнување најмногу до 90 дена.
Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем и минатата година продолжи со профитабилно работење, иако со помала добивка и следствено пониски показатели за повратот на капиталот и активата, споредено со 2018 година.
На седницата, Советот донесе и регулаторни измени со коишто се овозможува банките и штедилниците со промена на договорните услови да го олеснат финансискиот товар и на кредитокорисниците на коишто кредитот им е одобрен во периодот од 1 до 24 март оваа година. Поконкретно, со одлуката донесена во текот на минатиот месец беа опфатени кредитокорисниците коишто до крајот на февруари немале проблем со отплатата на кредитните обврски. Со донесените дополни регулаторни измени, сега се овозможува ист третман и на клиентите на банките и штедилниците коишто добиле кредитна поддршка во текот на март, до стапување во сила на регулаторните измени согласно со коишто веќе беа објавени понуди за одложување на наплатата на кредитните обврски.
Советот донесе и одлука со којашто се укинува надоместокот за давање податоци на физички лица од Кредитниот регистар на Народната банка за нивната задолженост кон банките и штедилниците. Понатаму, сите граѓани коишто ќе имаат потреба, потврдата од Кредитниот регистар ќе ја добиваат бесплатно, со што ќе се придонесе за олеснување на нивниот финансиски товар.
На седницата беа донесени и измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со коишто се обезбедува посоодветна примена на одредбите на Европската регулатива за капиталните барања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

