Економија
Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и на дипломатските претставништва на Бугарија, Кина, Косово, САД, Словачка, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шпанија и Шведска.
Во презентацијата беше наведено дека се предвидува натамошно забавување на инфлацијата, којашто минатата година се сведе на едноцифрено ниво, во согласност со остварувањата во првиот квартал оваа година, со просечна годишна стапка од 3,4%, коишто се пониски од октомвриските проекции. Се предвидува дека просечната инфлација за 2024 година ќе забави сведувајќи се на 3,5%, од 9,4% минатата година, одразувајќи го натамошниот пад на цените на нафтата и храната на светските пазари, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и затегнатите финансиски услови. На среден рок, се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување на историскиот просек од околу 2%.
Сепак, ризиците околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на страната на побарувачката. Притоа, гувернерката истакна дека засега е задржана определбата за претпазливост во монетарната политика, а идните промени ќе зависат од трендовите на девизниот пазар и движењето на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и од поставеноста на ЕЦБ.
Осврнувајќи се на останатите макроекономски показатели, гувернерката посочи дека при раст на глобалната економија, а особено на нашите трговски партнери, се очекува дека македонската економија ќе расте со стапка од 2,6% оваа година и 3,6% во следната година, а потоа растот умерено ќе забрза на среден рок. При проектирани солидни нето-приливи на финансиската сметка, коишто би го надминале умерениот дефицит на тековната сметка, се очекува натамошен раст на девизните резерви, како гаранција за стабилноста на девизниот курс.
Глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата за водење претпазливи домашни макроекономски и структурни политики. Народната банка внимателно, на дневна основа, и натаму ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

