Економија
Народната банка – домаќин на јавна дебата за мерливоста на вредностите
Во рамки на одбележувањето на 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство, Народната банка е домаќин на дебата – В/редности и вредности, чија цел е преку три одделни панел дискусии да овозможи платформа за споделување на видувања и искуства за мерливоста на вредностите од повеќе сегменти од општественото живеење: економијата која е значајна за сите, културата која не надградува и науката која ја одредува иднината. Јавните дебати се одвиваат во Музејот на Народната банка, во рамки на поставката на отворената изложбата, на која се изложени историските и културни вредности преточени на македонските пари.
Вчера беше одржан првиот панел: „Мерливоста на вредностите: економски визури“, посветен на изградените вредности во процесот на монетарното осамостојување, утврдените цели и идни перспективи, како и на неопходните мерки за нивно зачувување кои се одговор на тековните предизвици.
Отворајќи ја дебатата, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека со одржување на макро-финансиската стабилност и со независната и силна централна банка воспоставени уште во иницијалниот бран на транзицијата, поставени се темелните вредности во економијата. „Стабилен денар, стабилни цени и стабилен банкарски систем, изградена свесност и на граѓаните и на носителите на политиките за важноста на таа стабилност за нацијата и државата, за актуелните и идните поколенија. Тоа се дел од најважните вредности коишто Народната банка ги вгради во нашата економија“ потенцира Гувернерката, додавајќи дека „ Народната банка во тоа успеа заради принципите на однесување, одлучување и вреднување коишто се и нејзини институционални вредности – целосна посветеност, независност, професионализам, како и заради стандардите што одговорно ги инкорпорира во своето работење.“
Ангеловска-Бежоска се осврна на макроекономската стабилност која е основа за раст, на која влијание имаат не само монетарните, туку и структурните фактори. Притоа, подвлече, дека се неопходни сериозни промени во структурни сегменти како што се доброто владеење, владеењето на правото, во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал, во спречување на демографското опаѓање. „ Силните шокови со кои во изминативе неколку години се соочува светот, вклучително и нашава економија, уште повеќе на површина ги исфрлаат структурните слабости и критичната потреба за реформирање и зголемување на потенцијалот на економијата.“ оцени Бежоска, дополнувајќи дека „предизвикот за стабилизација на инфлацијата на носителите на политиките е огромен. Како и останатите централни банки, остануваме доследни на примарниот мандат којшто го имаме, а тоа е одржување на среднорочната ценовната стабилност со сите расположливи инструменти.“ Гувернерката потсети на историската одговорност на институциите – „какви вредности ќе афирмираме и создадеме со нашите сегашни одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината.“
За главните предизвици и вредностите на носителите на економските политики на почетокот на воспоставувањето на монетарната самостојност и на пазарно ориентиран систем, како и за видувањата за мерките за справување со тековните предизвици, во контекст на забрзаниот раст на инфлацијата и забавувањето на светскиот раст, пред присутните дебатираа панелистите академици Таки Фити и Абдулменаф Беџети, поранешниот министер за финансии и поранешен член на Советот на Народна банка, Џевдет Хајредини, неизвршниот член на Советот на Народната банка, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски и универзитетската професорка при Економскиот институт при УКИМ-Скопје, Силвана Мојсовска.
Панелистите се осврнаа на одржувањето на економските вредности, како и на придонесот од Народната банка, која како што истакнаа е столб за соочување и сузбивање на инфлацијата преку примена на соодветни алатки и мерки.
Во таа насока дебатираше и академик Таки Фити истакнувајќи дека „Народната банка денес е најкредибилна економско – финансиска институција во земјата. Својот висок кредибилитет таа го стекна со одржување на ниски стапки на инфлација во целиот период по осамостојувањето на земјата, со одржување на стабилен девизен курс, со воспоставувањето на модерна регулација на банкарскиот систем, со спроведување на прудентна монетарна политика и со остварување на добра координација со фискалната политика.“ Академик Фити додаде „НБРМ успешно го бранеше и го одбрани фиксниот девизен курс на денарот дури и во епизоди на сериозни кризни нарушувања, верувам, така ќе биде и успешно ќе се преброди и актуелнава криза.“ Тој се осврна и на поддршката од меѓународните финансиски институции, образложувајќи дека „благодарение на аранжманите со овие институции се извршија бројни реформи на патот кон изградба на пазарна економија, успешно завршените аранжмани го јакнеа кредибилитетот на земјата и кај приватните инвеститори и особено е значајно што низ овие аранжмани, стекнавме драгоцено искуство за добра, координација на клучните политики – монетарната и фискалната.“
Потребата од содејство на монетарната политика со фискалната политика и задржување на создадените вредности на економијата, беа аспекти во дискусијата на проф. д-р Никола Поповски. Притоа, потенцира „Тоа што е многу важно за монетарната самостојност е дека таа кај нас се поклопи со две антиинфлациски програми. Антиинфлациските програми во тоа време се исто толку важни како монетарното осамостојување, бидејќи го одржаа денарот стабилен. Базично го фиксиравме курсот на денарот за марката, а потоа за еврото, заедно со релативно рестриктивна фискална политика.“
На дебатата стана збор и за потребата од поддршка на економските политики за поодржлив раст и развој, без да се ризикува макроекономската стабилност и стабилноста на финансискиот сектор кои се нивни основни предуслови.
Денеска, се отвори плодна дискусијата за предизвиците од влијанието на енергетската криза, потребата од консензус на сите релевантни чинители за економската стабилност.
Во рамки на Јавната дебата „В/редности и вредности, на 5 септември ќе се одржат преостанатите два панела. Со почеток во 11 часот, на панелот насловен „Мерливоста на вредностите: интеракции“, еминентни лица од културата ќе дискутираат за вредностите создавани од уметниците и ставање на овие вредности во општествениот контекст како средства за акција и канали за комуникација. Третиот панел насловен „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности“ ќе започне во 13:30 часот и е платформа на која меѓународно признати професионалци од областа на природните науки ќе дебатираат за вредностите од науката и значењето на индивидуалното знаење во одржување на вредностите во општеството.
Панелите можат да се проследат на Фејсбук и Јутјуб каналот на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР

