Економија
Народната банка подготви насоки за банките и брошура за лицата со оштетен вид
жжжНародната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги. Народната банка изработи и испечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид, којашто би придонесла за нивна поголема финансиска едукација и подобро информирање за нивните права.
На презентацијата на Насоките и Брошурата во Народната банка којашто се одржа пред претставниците на банките и надлежните институции, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска упати порака до институциите и банките заеднички да обезбедат интеграција и поддршка за лицата со попреченост во сите аспекти од животот, вклучително и во економската сфера и финансиите.
„Иако банките ја препознаваат потребата да ги приспособат начините на користење на услугите од страна на лицата со попреченост, сепак анкетата спроведена од Народната банка од почетокот на 2024 година, утврди дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. Потребно е да се унапредува и правната рамка во оваа област, односно да се подготват интерни акти со кои ќе се обезбеди подобра пристапност до финансиските услуги за лицата со попреченост. Според доставените одговори на анкетата, банките многу ретко обезбедуваат рекламни материјали за лицата со попреченост, специфично кредитирање осмислено за оваа група граѓани, како и специјални програми за финансиска едукација на лицата со попреченост. Овие податоци покажуваат дека ова претставува област во која мораме да работиме заедно“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска, повикувајќи ги банките да ги земат предвид Насоките и активно да работат на подобрување на пристапноста на своите услуги за лицата со попреченост.
Презентирајќи ги Насоките и Брошурата, директорката на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во Народната банка, Елизабета Недановска, нагласи дека со олеснување на пристапот на лицата со попреченост до финансиски услуги значително ќе се зголеми нивниот потенцијал за економска независност и социјална интеграција.
„Во рамките на МБА, спроведовме анкета за пристапноста до финансиските услуги за лицата со попреченост од која добивме увид во состојбата во секторот и оттука произлегоа препораките и насоките за делување коишто секоја од институциите индивидуално ќе ги спроведува. Покрај тоа, во МБА е формиран и Комитетот за едукација, којшто предвидува обуки за вработените за примена на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и зајакнување на нивните комуникациски вештини“, истакна заменик-претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Бојан Стојаноски.
„Вклучувањето на лицата со попреченост во банкарскиот сектор не е само обврска, туку и можност за банкарските институции да покажат дека се предводници во иновациите и општествената одговорност и вклученост. Преку ваквите чекори, можеме да создадеме поинклузивно општество каде што секој ќе има еднаков пристап до финансиски услуги. Да ги направиме нашите банки достапни за сите – затоа што сите заслужуваат да бидат дел од економскиот живот“, нагласи претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски.
Според податоците од Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација страдаат од одреден вид попреченост и овие луѓе често се борат со сиромаштија и невработеност. Оттаму, Народната банка во изминативе години презема активности за подобрување на пристапноста до финансиските услуги на лицата со попреченост, што како потреба е предвидено и во документите донесени од Народната банка, и тоа Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и Циркуларот за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги. Заложбите се однесуваат на вклученост на лицата со попреченост, следејќи ги меѓународните стандарди и регулативи, како Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

