Економија
Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика
На 9 мај 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, соопшти НБРМ.
Народната банка, како што информираат од таму, продолжува со затегнување на монетарната политика. На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 5,75 %. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65 и 3,70 % соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Со последната промена, додаваат од таму, продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика, кој почна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.
„Најновите податоци важни за оценување на амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се движат во рамките на очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Од тие причини е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Имено, во согласност со очекувањата, и во април 2023 година годишната стапка на инфлација бележи забавување, кое почна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки, е над историскиот просек. Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сè уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина. На девизниот пазар движењата се стабилни, при зголемена склоност за штедење во домашна валута, но и натаму постои неизвесност. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во мај ЕЦБ повторно донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки, но поумерено – со покачување на основната камата за 0,25-процентни поени во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво од очекуваното, со посебен акцент на притисоците врз базичната инфлација.
Во однос на најновите показатели, кај домашните цени, во согласност со очекувањата, и натаму има тренд на забавување на растот, што во април 2023 година се сведе на 13 % (14,7 % во март). Побавниот годишен раст на инфлацијата главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента. Најновите очекувања за движењата кај увозните цени упатуваат на надолно придвижување на берзанските цени на нафтата и храната, што поволно би влијаело и врз домашните цени, но и понатаму е нагласена неизвесноста во следниот период, условена од ефектите од војната во Украина.
Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на април е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на април беа главно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит во првиот квартал од 2023 година е значително понизок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, кои од почетокот на годината, заклучно со април, се малку подобри од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Што се однесува до домашната економска активност, во последното тримесечје од 2022 година реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек, за цела 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1 %, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година, со кои се располага во моментот, упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството. Овие движења посочуваат на веројатно умерено забрзување на растот во првото тримесечје на 2023 година“, се истакнува во соопштението.
Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за април 2023 година, растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува, посилно од очекувањата според октомвриската проекција. Од друга страна, забрзува растот кај депозитите и тој е над очекувањата за вториот квартал.
Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците што сè уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на потрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

