Економија
Народна банка: Монетарната политика и натаму е олабавена
На 13 јули 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од НБРМ.
Притоа на седницата било оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што било одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, велат од НБРМ.
Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9% на годишна основа, во услови на трет бран на Ковид-19 и негово негативно влијание врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековните расположливи високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на висок годишен раст на економската активност во вториот квартал, пред сè поради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на Ковид-19 во овој период од минатата година, а делумно и поради стабилизирањето на епидемиолошката состојба и започнатата имунизација во земјата. Според Народна банка, податоците за овој период покажуваат високи годишни стапки на раст кај индустриското производство, прометот во вкупната трговија и угостителството.
Во однос на инфлациските движења, просечниот годишен раст на потрошувачките цени во првото полугодие на 2021 година изнесува 2,4% и е блиску до очекувањата од априлскиот циклус проекции на Народната банка. Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа, стои во писменото известување од оваа институција.
Од таму дообјаснуват дека девизните резерви, на крајот на јуни 2021 година, се повисоки во однос на состојбата на крајот на првиот квартал, со што и натаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје од 2021 година, податоците за април и мај засега упатуваат на повисок трговски дефицит од очекуваниот за вториот квартал од годината. Последните податоци за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал од 2021 година.
Во соопштението од НБРМ се наведува дека во рамките на монетарниот сектор, движењата и натаму покажуваат солидна годишна динамика на раст на депозитите и кредитите, а согласно со првичните податоци заклучно со јуни 2021 година, годишниот раст на депозитите е во согласност со очекувањата, додека растот кај кредитите е над проектираниот.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидностa во банкарскиот систем се задржа на релативно солидно и стабилно ниво, a банките тргуваа со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари повремено, при крајот на јуни. На девизниот пазар во јуни продолжи зголемувањето на нето-откупот на девизи од менувачниците, при што износот беше повисок во однос на истиот месец од минатата година, но и во однос на јуни 2019 година пред почетокот на здравствената криза. Нето-побарувачката на девизи на корпоративниот сектор и натаму е релативно стабилна и речиси во целост беше покриена преку девизните средства на банките. Девизниот пазар беше релативно поволен и во досегашниот тек на јули. Народната банка имаше незначителни интервенции со продажба, остварени на почетокот на јуни.
На седницата на Комитетот било заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри засега се во рамките на очекувањата. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно, соопштија од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Форумот на „Виенската иницијатива“: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.