Економија
Народна банка: Oсновната каматна стапка и натаму изнесува 1,25 отсто
Основната каматна стапка и натаму изнесува 1,25%, а на денешната аукција ќе се понуди непроменет износ од 10 милијарди денари благајнички записи. Со ова, се задржува приспособливиот карактер на монетарната политика на севкупните макроекономски и финансиски услови, што воедно придонесува за натамошна поддршка на кредитните текови во економијата.
Ова беше заклучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржана вчера, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Нагорните придвижувања на инфлацијата кај нас, како и во глобални рамки, се должат на глобалните фактори на страната на понудата, коишто според меѓународните финансиски институции се очекува дека би се стабилизирале во текот на идната година. Врз основа на тековната динамика на закрепнување на домашната економија, не се согледуваат притисоци од побарувачката врз ценовниот раст, на што упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, е поумерена од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција, но и натаму има потреба од будно следење, велат надлежните.
Во однос на последните макроекономски показатели од домашната економија, во третиот квартал од 2021 година, бруто-домашниот производ бележи реален раст од 3% на годишна основа. Овие остварувања упатуваат на тоа дека домашната економија и натаму закрепнува, во услови на натамошна имунизација на населението. Во просек, во првите три квартали на 2021 година, економијата бележи реален раст од 4,6%, што е близу до очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (проектиран раст од 4,2%). Гледано по компоненти, растот во третиот квартал во најголема мера се должи на позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на раст и позитивен придонес кај сите категории (лична потрошувачка, јавна потрошувачка и бруто-инвестиции). Позитивен придонес има и нето-извозната компонента, во услови на посилен раст кај извозот во однос на растот кај увозот. Високофреквентните податоци за четвртиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за октомври покажуваат натамошен, поумерен, реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но и натамошни неповолни движења кај индустриското производство на годишна основа.
Во периодот јануари ‒ ноември 2021 година, во просек, годишниот раст на цените изнесува 3,1% и е во рамките на очекувањата од октомврискиот циклус проекции (проекција за целата година од 3,1%). Во овој период, позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени коишто се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со преносниот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемичната криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Годишниот раст на инфлацијата за ноември е нешто над очекувањата, но периодот на оцена е кус, додека неизвесноста околу движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и понатаму постои, што упатува на потреба од будно следење.
Движењата во рамките на монетарниот сектор и натаму се солидни, а според податоците за ноември 2021 година, движењата засега се во рамките на проекциите за последниот квартал на 2021 година, согласно со октомвриската проекција.
Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. На збирна основа, заклучно со ноември, растот на девизните резерви од почетокот на годината е во согласност со есенските проекции. Во октомври 2021 година, трговскиот дефицит е помал од очекуваниот за последниот квартал од годината, додека последните расположливи податоци за менувачкото работење се главно во рамките на очекуваните нето-приливи кај приватните трансфери за четвртиот квартал од 2021 година, според октомвриската проекција.
На седницата на Комитетот било заклучено дека засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и понатаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

