Економија
Најбогатите луѓе во светот го зголемија богатството за 255 милијарди долари за два месеца

Вкупното богатство на 25-те најбогати луѓе во светот се зголеми за 255 милијарди американски долари за два месеци, пишува „Форбс“.
За основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, оваа година, иако беше одбележана со кризата предизвикана од коронавирусот, беше исклучително успешна поради зголемувањето на цените на акциите на компанијата. Богатството на милијардерот се зголеми за 31 милијарди долари на 86,5 милијарди долари.
Како резултат на ова, Цукерберг стигна до четвртото место на листата на најбогатите луѓе во светот. Во април, тој се најде на седмото место на тој список.
Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој во моментов е најбогат човек на планетата, заработи 29,9 милијарди долари во последните два месеци. Неговото богатство се проценува на 146,9 милијарди долари.
Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс заработи 11,9 милијарди долари, со што неговото богатство достигна 106,5 милијарди долари.
Во последните два месеци, своето богатство го зголемија и Бернард Арнаут, извршен директор на француската групација „Моет Хенеси Луис Витон“ (ЛВМХ), шефот на инвестицискиот фонд „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, еден од основачите на компанијата „Оракл“, Лери Елисон, поранешниот шеф на „Мајкрософт“, Стив Балмер и еден од основачите на „Гугл“, Лери Пејџ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.
Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.