Економија
Најголем пад на продажбата на возила од 2008 година
Глобалната автомобилска индустрија ќе сака да ја заборави оваа година што е можно побргу.
Според податоците на агенцијата „Фич“, глобалната продажба на автомобили се намали 3,1 милиони возила оваа година, што е намалување околу четири проценти во однос на претходната година. Не само што оваа година е втора година по ред што бележи пад на продажбата, „Фич“ исто така посочува дека 2019 година ќе остане запаметена по најголемиот пад на продажбата на нови возила од 2008 година кога глобалната финансиска криза го потресе светот.
„Фич“ очекува да се продадат 77,5 милиони возила оваа година. 80,6 милиони возила беа продадени минатата година за разлика од 81,8 милион автомобили, кои добија свои сопственици една година пред тоа.
„Падот на глобалниот пазар на автомобили од средината на 2018 година е клучен двигател на падот на глобалното производство и изгледите за продажба на автомобили стана многу полошо од нашите очекувања“, рече Брајан Култон, главен економист во „Фич“, за Си-ен-ен.
Поради слабиот раст на кредитите, поголема побарувачка за користени возила и нови стандарди на емисија на издувни гасови, побарувачката за нови автомобили е значително намалена во Кина, најголемиот светски пазар. Во првите 10 месеци од оваа година продажбата на кинескиот пазар падна 11 проценти.
На почетокот на годината владата во Пекинг ги намали субвенциите за електрични возила намалувајќи ја продажбата и во тој сегмент. Покрај Западна Европа, се очекува и продажбата во Бразил, Русија и во Индија да опаѓа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

