Економија
На патот кон ЕУ земјава ги отвора вратите за менување на платежниот пејзаж
Успешно заврши дванаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, организирана од Народната банка на Република Северна Македонија, во соработка со Банката на Холандија. Изминативе три дена претставници од четиринаесет централни банки, истакнати странски експерти и претставници од домашниот финансиски сектор, во Охрид дискутираа за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена, во контекст на процесите на менување на платежниот пејзаж во Европската Унија, кои веќе почнуваат и кај нас. На одделна панел-дискусија се говореше и за светот на отвореното банкарство и за финтек-иновациите во плаќањата. Особен придонес во дискусиите на конференцијата имаа претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централни банки од евросистемот и Банката за меѓународни порамнувања.
„Платежниот пазар е основа за создавање поинтегрирана, конкурентна и иновативна економија. Со сѐ поголемата дигитализација и потенцијалот што го нуди новата технологија платежната индустрија сѐ повеќе добива на значење. Постојните и новите пазарни играчи сѐ повеќе ги исползуваат можностите за создавање иновативни решенија во плаќањата“, истакна, меѓу другото, вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во своето обраќање во рамките на завршницата на конференциската програма.
Притоа таа ги изнесе и заклучните согледувања од конференцијата осврнувајќи се и на големиот број експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените и предизвиците што беа презентирани деновиве. За некои од овие прашања, некои од учесниците денес разменуваа мислења и полемизираа и во одделни работни групи.
Со Директивата за платежни услуги 2 и други сегменти од законодавството на Европската Унија, посочи Нацевска, пазарот за плаќања на мало во Европа ги има сите потребни елементи да обезбеди иновативни сеевропски платежни услуги. Нашата земја интензивно се подготвува да ги прифати промените и да одговори на предизвиците во платежната сфера за што показател е и ова конференциско издание во Охрид.
„Во оваа смисла, на овој настан гледаме како и на олеснувач за натамошниот дијалог со домашните даватели на платежни услуги и операторите на платните системи со цел да се поттикнат конкуренцијата и иновациите, како и да се зголеми заштитата на потрошувачите во областа на плаќањата“, рече Нацевска потсетувајќи дека неодамна до засегнатите страни е доставен новиот нацрт-закон за платежните услуги и платните системи, во кој се транспонирани најважните делови од европското законодавство во оваа област. Таа посочи и дека, освен преку регулаторната улога за менување на платежниот пејзаж, Народната банка со активно учество во овој дијалог ќе биде и катализатор за обезбедување сигурен и ефикасен развој на пазарот на плаќања.
Изнесувајќи ги заклучоците од конференцијата, вицегувернерката се осврна и на предизвиците за централните банки да обезбедат не само ефикасност туку и безбедност во спроведувањето на иновациите во сферата на плаќањата, како и соодветна едуцираност на популацијата за новите платежни услуги за што деновиве во Охрид беа споделени повеќе експертски согледувања, при што беше нагласено дека и нашата централна банка веќе презема чекори во таа насока.
Во завршницата на настанот учесниците од земјава едногласно го споделија впечатокот дека оваа конференција овозможува подобар увид и следење на најновите трендови во областа на плаќањата на експертско ниво и дека нејзиното одржување носи големи придобивки за платежната индустрија во нашата економија.
Меѓународни експерти истакнаа дека земјава е на добар пат во применувањето на европското законодавство за платежни услуги. Народната банка продолжува активно да ги следи новитетите и трендовите во оваа област и да работи на поттикнување на активностите за подобрување на платежните услуги кај нас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем
Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

