Економија
НБРМ: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, а мерките придонесуваат за дополнително зголемување на неговата отпорност
Советот на Народната банка на редовната седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2024 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност и сигурност во работењето, со подобрена солвентност, одржана ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио.
Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 18,9%, коешто е највисоко анализирано од 2006 година наваму. Подобрувањето на показателот произлегува од растот на сопствените средства на банките, најмногу заради реинвестирањето на добивките од минатата година. Повисоките показатели за солвентноста во голема мера се поттикнати и од повисоките регулаторни и супервизорски барања во врска со капиталот на банките, пред сѐ поврзано со заштитните слоеви на капиталот (противцикличниот и заштитниот слој на капитал за системските значајни банки) и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оценка.
Ликвидноста на банките се задржа на вообичаените задоволителни нивоа. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесува 279,1%, што е значително повеќе од регулаторниот минимум (100%) и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.
Во првиот квартал од 2024 година, квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, и покрај тоа што дел од показателите за изложеноста на кредитниот ризик забележаа зголемување, што се должи на методолошките промени коишто се воведоа од почетокот на годината, со примената на новата Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик. Со новата Одлука се направи целосно усогласување со новата регулатива на ЕУ во овој сегмент. Стапката на нефункционални кредити на ниво на банкарскиот систем се зголеми за 0,3 проценти поени, што е ефект од поинаквиот методолошки пристап во определувањето на нефункционалниот статус на кредитната изложеност, а не на променетата кредитоспособност на клиентите
Во услови на подобрена солвентност, заедно со традиционално солидната ликвидност, билансите на банките продолжија солидно да растат. Депозитите од нефинансиските субјекти остварија солиден годишен раст од 9,1%, со забележителни поволни поместувања во рочните и валутните склоности на депонентите, при што долгорочните депозити го забрзаа годишниот раст на 28,3%, а депозитите во денари растеа двојно побрзо од девизните депозити. Кредитната активност на банките забележа годишен раст од 6,2%, кој што беше присутен кај кредитите и кон домаќинствата и кон претпријатијата.
На седницата се разгледа и Годишната информација за плаќањата во земјава во 2023 година при што беше заклучено дека според податоците од банките со кои располага Народната банка продолжи трендот на годишен раст на бројот на безготовински платежни трансакции за 12,4 %, при остварени 218 милиони платежни трансакции. Растот во значаен обем произлегува од посилниот раст на бројот на трансакции со платежни картички за 17,3%, со што нивното учество во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 65,2%, при истовремено зголемување и кај вредноста на овие трансакции за 16,2%. Притоа, забележан е сѐ поголем број на плаќања со картички на физичките места на продажба (годишен раст од 18,0%), но продолжува и позитивниот тренд на пораст на плаќањата во е-трговијата (годишен раст од 11,3%).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

