Економија
НБРМ: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен
Советот на Народната банка на седница го разгледа и го усвои извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година.
Во извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сè уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.
Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, а растот на кредитите беше помал. Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8 %, a особено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, кои по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4 %.
Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 п.п. достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18 %. Подобрата солвентност најмногу е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година. Безмалку една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се слободни над потребното минимално ниво, што банките може да ги користат за справување со разни предизвици при надолните движења и од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, а периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.
Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.
Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п. до ново историски најниско ниво од 2,8 %. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.
Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25-процентни поени од претходно утврдените 0,75 на 1 %, со почеток на примена од 1 јули 2024 година. Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има цел да дејствува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности. Оваа мерка е во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија, со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонците лани потрошиле најмногу пари онлајн во Холандија
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ ги анализира објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија за 2023 во согласност со кои Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра, а од тие дури 34 %, односно 195,6 милиони евра ги потрошиле онлајн купувајќи производи и услуги, особено поврзани со патувања и трансакции за авиобилети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2022 година, Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25,3 % повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4,6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. 72 % од вредноста и 80 % од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург, Грција и во Германија.
Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27,5 милиони евра), а во Луксембург направиле најголем број трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија, односно 144,3 евра, а во Луксембург, Македонците направиле најниска просечна трансакција и таа изнесува 11,7 евра.
Најмногу Македонците направиле трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39 % од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Ова е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), а највисокиот оставерн број трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.
„Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25 % наспроти 46 % во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пример, кон Холандија (114 %) и Унгарија (82,4 %), а во 2023 година тој е забавен и изнесува 41,5 % и 21,6 % соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите што сочинуваат 72 % од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81,6 %). Онлајн-купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци, со оглед дека се работи за менување навики и зголемено користење на онлјан-купувањето воопшто. Од друга страна, зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ги зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн-искуство за купувачите“, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.
ОД КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАЈН СТРАНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ Е-ТРГОВЦИ?
Во согласност со објавените податоци од НБРСМ, странските иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26,8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од речиси 23 %. Остварената вредност странските онлајн-купувачи ја направиле во 852,3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31,4 евро од трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година, 50 % припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Речиси 4 милиони евра или 18,5 % од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2,6 милиони евра или 9,7 % од Швајцарија и 1,7 милион евра или 6,2 % од Обединетото Кралство. Потоа следуваат германските иматели на картички, кои направиле 5,6 % од онлајн-трансакциите, Турција со 4 % и Ирска и Бугарија со 3 % од вредноста на онлајн-трансакциите.
ВО 2023 СПРЕМА 2022 ГОДИНА ВРЕДНОСТА НА Е-ТРАНСКАЦИИТЕ ОД СТРАНСТВО КОН МАКЕДОНСКИ Е-ПРОДАВНИЦИ Е ЗГОЛЕМЕНА 23 %, А БРОЈОТ РЕЧИСИ 37,7 %
Понатамошната анализа на бројот и вредноста на направените трансакции од странство кон македонските е-трговци е направена подетаљно за земјите што остваруваат 50 % од вкупно направената вредност. На фотографијата во продолжение прикажани се бројот, вредноста, просечната вредност од трансакција и остварениот пораст во 2023 година во однос на претходната на овие 7 земји и остатокот од светот. Најголем пораст на бројот, како и на вредноста на направените онлајн-трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, а највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра.
Економија
ЕУ со позитивни оцени за придонесот на Народната банка во намалувањето на инфлацијата и задржаната стабилност на банкарскиот сектор
Инфлацијата се намали од 19,8% на 4%, како резулат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. Европската комисија ги нотира мерките кои Народната банка ги превзема во изминатиот период, со цел да ја стабилизира инфлацијата, инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата. Во заклучоците се наведува дека банкарскиот сектор остана стабилен, со поволни показатели за адекватноста на капиталот и ликвидноста, како и ниски нивоа на нефункционални кредити. Европската комисија препорачува монетарната политика да остане затегната, онолку колку што е потребно, за да се закотват инфлациските очекувања на ниво кое ќе осигура стабилност на цените и на девизниот курс. Се наведува и дека е неопходно да се заштити независноста на централната банка во извршувањето на нејзините клучни законски задачи.
Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат осврт и оцена на политиките и реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем, додека носителите на политиките даваат свој осврт и очекувања за идниот период.
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека Народната банка ќе продолжи да води претпазлива монетарна политика, се додека со сигурност може да се каже дека процесот на дезинфлацијата е одржлив и дека на среден рок ќе се осигура ценовната стабилност. Таа посочи и дека Народната банка ќе продолжи преку мерки и регулаторни барања да ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем и да ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.
Вицегувернерката Нацевска ја истакна и заложбата на Народната банка во изминатиот период за спроведување на реформскиот процес за зајакнување на регулаторната рамка и приближување до стандардите на ЕУ. Таа посочи дека Планот за раст за Западен Балкан, дава можност за побрза интеграција на регионот во Единствената платежна област во евра (СЕПА). Народната банка веќе поднесе пред-апликација за влез во СЕПА и е подготвена да работи на затворање на евентуалните регулаторни јазови како предуслов за влез во СЕПА, што би донело повеќекратни предности за потрошувачите, компаниите и финансиските институции. Во своето излагање вицегувернерката се осврна и на придонесот на Народната банка кон зелената транзиција и подготвките на банкарскиот систем за овој процес. Народната банка го усвои првиот Среднорочен план во областа на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, кој предвидува активности за регулирање и надзор на климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на банките поврзани со климатски промени, а беа усвоени и Насоки за управување со климатските ризици за банките. Во согласност со светските трендови, Народната банка веќе ги направи и првите чекори за „зазеленување“ на своето инвестициско портфолио во рамки на управувањето со девизните резерви.
Економија
„Шкода октавија“: освежување на бестселерот
› Рафинирана надворешност: визуелно дотерување и нова втора генерација LED матрични светла
› Преработен ентериер: девет изборни дизајни, 13-инчен инфозабавен дисплеј и дополнителни одржливи материјали
› Подобрена поврзаност: нови услуги и подобрено корисничко искуство со препознавање глас базирано на вештачка интелигенција
› Поефикасни погонски единици: четири бензински и два дизел мотори плус благи хибридни опции
› Засилена безбедност: нови системи за безбедност и помош за уште понапредна активна и пасивна безбедност
Škoda Auto ги ажурираше двете верзии на својата икона Octavia. Со повеќе од 7 милиони продадени единици, тој е убедливо најпродаваниот модел на марката. Нејзината четврта модерна генерација сега доби освежен изглед кој вклучува редизајнирана Škoda решетка и нови LED Matrix светла од втората генерација. Сеопфатната стандардна опрема нуди функции како двозонски Climatronic систем или 10-инчен дигитален дисплеј. Понатаму, уделот на одржливи материјали во внатрешноста е зголемен. За уште по напредно искуство во автомобилот, четботот ChatGPT со вештачка интелигенција ќе биде интегриран во гласовниот асистент Laura подоцна во 2024 година. Дополнителните системи за безбедност и помош ја подобруваат активната и пасивната безбедност, а новата структура на опсегот обезбедува дополнителни опции за индивидуализација.
Нов моментум за иконскиот модел на брендот
Освежувањето на четвртата модерна генерација на Octavia вклучува нов, надграден дизајн со обновени предни и задни браници и ажурирана Škoda маска. Исто така, нови се и предните LED Matrix светла од втората генерација, ревидирани се и задните LED светла со анимирани индикатори и нови дизајни на алуминиумски тркала. Структурата на новаta гама се состои од четири нивоа на опременост – Essence, Selection, Sportline и RS – и нуди девет дизајнерски селекции за внатрешноста.
Најпродаваниот модел на Škoda и неговата успешна приказна
Модерната Škoda Octavia е потпора на чешкиот производител на автомобили уште од почетокот на производството пред 28 години во 1996 година.
Нејзините четири генерации до денес привлекоа повеќе од седум милиони клиенти на повеќе од 60 пазари со нивната пространост, најсовремена технологија, извонредно ниво на безбедност и одлична вредност за парите. Octavia Combi е омилена кај клиентите, со 67,1% од вкупната продажба од 2020 година. Најпопуларните бои се Magic Black, Brilliant Silver и Graphite Grey. Octavia е високо ценета и од меѓународните медиуми. На пример, четвртата генерација беше финалист за Европски автомобил на годината во 2021 година и ја освои наградата за избор на читателите „Најдобри автомобили“ за најдобар увозен автомобил за 2024 година, организирана од германскиот магазин за автомобили „auto motor und sport“.
ПР