Економија
НБРМ: Монетарната политика и натаму е затегната, основната каматна стапка останува на нивото од 6,30 проценти
На 31 октомври 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница на Комитетот за оперативна монетарна политика не беа направени дополнителни промени во монетарната политика. Имено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30 %, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 и 4,25 %, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Тековното ниво на основната каматна стапка, во комбинација со промените кај задолжителна резерва, како и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесе за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Затегнувањето на монетарната политика почна уште од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и преку зголемување на основната каматна стапка, во вкупно 14 наврати досега.
Последната одлука за монетарната политика главно е условена од остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика, со посебен акцент на инфлацијата. Домашната инфлација и натаму забавува, но посилно, сведувајќи се на 6,6 % на годишно ниво во септември 2023 година. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е резултат на забавениот раст на цените кај сите три компоненти, со најголем придонес од прехранбената компонента. Сепак, вкупната инфлација забавува малку послабо од очекувањата според последните проекции, а нејзиното ниво сè уште е над историскиот просек. Од друга страна, базичната стапка на инфлација забавува во целост во согласност со очекувањата укажувајќи на намалување на ценовните притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со преземените монетарни мерки. Најновите очекувања за увозните цени, односно светските цени на примарните производи, се ревидирани главно во надолна насока, при што и натаму преовладуваат очекувања за пад на цените во наредниот период. Ризиците од надворешното окружување во однос на идното движење на цените и натаму се неповолни и неизвесни, пред сè, поради непредвидливиот карактер на војната во Украина и најново на Блискиот Исток како нов фактор на ризик.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), по циклус од десет последователни зголемувања, на последната седница во октомври ЕЦБ не направи дополнителни промени, односно го задржа истото ниво на основните каматни стапки, врз основа на оцени дека досегашните промени ги даваат очекуваните резултати и со очекувања за задржување на тековното високо ниво на каматните стапки подолг период.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември е во согласност co меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината девизните резерви бележат раст при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Ова е одраз на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот јули – август 2023 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, а податоците за менувачкото работење заклучно со септември 2023 година се во согласност со очекуваните нето-приливи од приватните трансфери за третиот квартал.
Гледано од аспект на домашната економска активност, реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2023 година забави сведувајќи се на 1,1 % на годишна основа (по растот од 2,1 % во претходниот квартал), при што се доближува до растот проектиран за овој квартал според априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за економската активност за третото тримесечје од 2023 година со кои се располага во моментот засега упатуваат на послаб економски раст во овој квартал во однос на априлските очекувања. Исто така, најновите очекувања упатуваат на надолна ревизија на растот на странската побарувачка до крајот на 2024 година, со изгледи и за побавно закрепнување на домашната економија во следниот период.
Во монетарниот сектор последните податоци заклучно со септември 2023 година и натаму упатуваат на посилен раст кај депозитите во однос на априлските очекувања, а кредитната активност и натаму забавува во согласност со очекуваната динамика.
Општо земено, условите за водење на монетарната политика и понатаму сe неизвесни и упатуваат на неопходност од внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата, како и на инфлациските очекувања. Ова подразбира и внимателност во водењето на макроекономските политики, кои влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

