Економија
НБРМ: Основната каматна стапка зголемена на 2,50 процента
Вчера, се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, информираат од НБРМ.
Поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, кои влијаат и на другите видови производи, инфлацијата и натаму бележи нагорни движења како во светски рамки така и во нашата економија, која во голема мера е зависна од увоз. Имајќи ги предвид инфлациските движења, но и движењата на девизниот пазар, Народната банка постојано ги користи сите расположливи инструменти за управување со ликвидноста и за влијание врз каматните стапки. Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, од последниот квартал минатата година па наваму, придонесуваат за намалување на ликвидноста, а за да се одржи нејзиното оптимално ниво, се користат и другите инструменти, како што се депозитот преку ноќ, седумдневниот депозит, репо-операциите и благајничките записи. Во текот на годината во два наврата беa направени и промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено дејствување врз процесот на евроизација, кој дополнително влијае врз побарувачката на девизниот пазар. Оваа мерка е во склад и со стратегијата за денаризација на домашната економија.
Народната банка продолжува со постепеното нормализирање на монетарната политика за одржување на среднорочната ценовна стабилност преку понатамошно зголемување на основната каматна стапка. На седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 п.п. до нивото од 2,5 %. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. Се очекува дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму ќе дејствуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута.
При носењето на одлуката особено беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата. Во периодот јануари – јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10 % во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, кои досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци бргу се прелеваат врз цените и на другите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Воедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина.
Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност во согласност со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата. Последните расположливи и високофреквентни податоци од девизниот пазар упатуваат на натамошно намалување на нето-побарувачката на девизи на небанкарскиот сектор, главно како резултат на намалената потреба за девизни средства на компаниите од електроенергетската дејност, како и на сезонски високата понуда на девизи на менувачкиот пазар. Приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата при двојно повисок раст на понудата од растот на побарувачката на девизи во однос на истиот период лани, што дејствува поволно врз платнобилансната позиција и девизните резерви. Во последниот период е видливо и намалување на интересот кај домашните субјекти за конверзија на домашната во странска валута. Релативно поволните движења на девизниот пазар овозможија повремено присуство на Народната банка на овој пазарен сегмент, при што во јули првпат од септември 2021 година беше остварен и откуп на девизи.
Во првиот квартал од 2022 година активноста во домашната економија оствари реален раст од 2,4 % на годишна основа, сличен на остварувањата од претходниот квартал. Расположливите месечни податоци за економската активност за вториот квартал засега упатуваат на слични движења и во овој период.
Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според првичните податоци за јуни 2022 година, годишниот раст на вкупните кредити и натаму е солиден и е малку над проектираниот при поумерен раст кај вкупните депозити.
Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се претежно поврзани со надворешното опкружување. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на Ковид-19, кој сè уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со дејствување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржат стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност, соопштија од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos

