Економија
НБРМ: Поставеноста на монетарната политика засега е оценета како соодветна на макроекономските услови
Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од оваа институција.
Појаснуваат дека врз основа на оцената на последните показатели и на амбиентот на монетарната политика, било одлучено основната каматна стапка да остане иста, на нивото од 1,25 %, а на аукцијата на благајнички записи да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари. На седницата на Комитетот беше потврдена потребата од внимателност и постојано следењe на показателите, а во контекст на евентуална потреба од промени во поставеноста на монетарната политика. При носењето на одлуките, Народната банка ги има предвид особено движењата кај девизните резерви и кај инфлацијата.
„Девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а остварувањата во јануари се во рамките на очекувањата за првиот квартал од 2022 година. Во однос на факторите што влијаат на девизните резерви, податоците за менувачкиот пазар за јануари 2022 година не отстапуваат значително од октомвриската проекција, а покажуваат понатамошен годишен раст на нето-откупот на девизи. Податоците за надворешнотрговската размена за четвртото тримесечје од 2021 година упатуваат на малку повисок остварен трговски дефицит во однос на очекувањата според октомвриската проекција“, истакнуваат од НБРМ.
Според надлежните, во јануари 2022 година остварена е годишна стапка на инфлација од 6,7 %. Забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергентите, како и на растот на дел од прехранбените производи што имаат променлива динамика. Придонесот на базичната инфлација (инфлацијата од која е исклучено влијанието на цените на храната и енергентите) кон растот на ценовното ниво е сѐ уште умерен и стабилен. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на пандемијата. Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока, со што ризиците за проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни. Сепак, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, велат од таму.
Во однос на движењата во реалната економија, во просек во првите три квартали на 2021 година економијата бележи реален раст од 4,6 %, што е блиску до очекувањата на Народната банка од октомвриската проекција. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал на 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но забавен во однос на претходните два квартала. Податоците за овој период покажуваат високи, но поумерени годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и забавување на падот кај индустриското производство, а кај извршените градежни работи во периодот октомври – ноември се забележува натамошен годишен пад, се потенцира во извештајот од НБРМ.
Додаваат дека закрепнувањето на економијата е поддржано од солидните движења во монетарниот сектор. Според првичните податоци за јануари 2022 година, солидниот раст на депозитите и кредитите продолжува, но посилно во однос на проекциите за првиот квартал на 2022 година.
На седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и од актуелните геополитички тензии и нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените и понатаму постојат, што налага будно следење на состојбите и покрај тоа што засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата. ФЕД и ЕЦБ како централни банки што значително дејствуваат врз глобалните финансиски пазари, иако сѐ уште не ја зголемија основната каматна стапка, преку своите објави упатуваат на можно побрзо затегнување на глобалните финансиски услови од досега очекуваното. Народната банка, велат од оваа институција, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите, ризиците и промените на глобалните услови и и натаму е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Одржана редовната седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведени минатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија и финансиската стабилност. Всушност финансиската стабилност и дополнително зајакна и покрај последователните кризи во изминатиов период.
Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација“. Начинот на водењето на монетарната политика од страна на Народната банка, одржувањето на финансиската стабилност, како и довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка беа позитивно оценети од страна на повеќе релевантни меѓународни и европски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ), како и Светската банка.
Дел од активностите на Народната банка во 2023 година беа насочени во области кои носат погодности за граѓаните како корисници на банкарските услуги. Со стапувањето на сила на Законот за платежни услуги и платни системи, се поттикнува влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите, а се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, основната сметка со платежни функции, како и поголема транспарентност. Народната банка воспостави и нова алатка која овозможува споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги, а исто така за прв пат донесе и Циркулар којшто ги опфаќа добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор. Исто така, Народната банка започна со таргетирани контроли на давателите на платежни услуги во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.
Минатата година се засилуваше и колективната свест кон спроведување одржливи економски политики насочени кон екологијата. За таа цел, Народната банка го усвои првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, со што се постави сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени. Како дел од активностите од Планот, Народната банка донесе и Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирањето и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.
Во 2023 година беше донесена и Финтек-стратегијата за финансиските регулатори, во која се содржат препораки за координиран пристап на регулаторите, со цел да се трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.
Народната банка активно работеше на остварувањето на Програмата за работа за 2023 година којашто придонесува за исполнување на стратегиските цели и јакнење на институционалните капацитети предвидени со Стратегискиот план за периодот 2022 ‒ 2024 година, а воедно и за исполнување на предвидената визија да биде препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.
Во однос на статистиката, Народната банка продолжи со објавување на нови сетови на податоци со кои ги продолжи напорите за следење на меѓународните и европски статистички барања и го исполни последниот показател во рамките на највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци СДДС плус. Ова, во основа значи зголемување на транспарентноста на Народната банка што е видливо и преку збогатувањето на веб-страницата со повеќе податоци, алатки за пристап до информации и преку дополнувањето со други начини на комуникација со јавноста.
На истата седница беше усвоен и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2023 година. Во него се наведува дека и покрај повеќето шокови кредитното портфолио на банките е со солиден квалитет, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на ниво на историскиот минимум. Адекватноста на капиталот на банките во 2023 година достигна нивоа коишто се највисоки во изминатите 17 години и на крајот од годината изнесува 18,1%, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочувањето со евентуалните ризици. Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој што треба да го одржуваат банките, со што се очекува натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем. Во насока на понатамошно јакнење на отпоноста на банкарскиот сектор и јакнење на макропрудентната политика, минатата година беа подготвени и донесени новиот Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки.
Носител на депозитниот раст во 2023 година чиј годишен раст достигна 9,2% беа депозитите од домаќинствата, иако и депозитите од претпријатијата го забрзаа растот. Преку инструментот за задолжителна резерва Народната банка придонесе за раст на склоноста на депонентите за чување на своите средства во денарските депозити, чиј годишен раст е неколкукратно повисок во споредба со зголемувањето на девизните депозити, при што кај домаќинствата растот на депозитите во денари изнесува 11,8% наспроти 4,4% во странска валута, додека кај корпоративниот сектор 15,8% наспроти 8,2%. Дополнително, позитивни придвижувања има и во однос на рочноста на депозитите, при што долгорочните депозити, по подолг период на намалување, во 2023 година забележаа раст со стапка од 25,7%, највисока во последните десетина години.
Показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрени, а стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за апсорбирање на можните шокови. Сепак, окружувањето и натаму е неизвесно во услови на геополитички превирања и потребно е натамошно внимателно следење на ризиците и претпазливост во водењето на политиките.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.