Економија
НБРМ: Промени во задолжителната резерва за поддршка на денаризацијата и зголемување на каматните стапки за 0,15-процентни поени
На 1 август 2023 година се одржа редовна седница на Советот на Народната банка, на која беа донесени измени во одлуката за задолжителна резерва. Седница одржа и Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15-процентни поени до нивото од 6,15 %. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за 0,15-процентни поени, со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,05 и 4,10 % соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Одлуката за промена во каматните стапки е донесена во услови на постепена стабилизација, но и понатаму постојат ризици, поради што е оценето дека има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), која на последниот состанок донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки.
Монетарното затегнување почна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Овие промени се поддржани и од измените во инструментот на задолжителна резерва, кои беа насочени кон зголемување на денаризацијата, каде што се забележуваат позитивни трендови. Заради зајакнување на досегашните позитивни ефекти од овие мерки, Советот на Народната банка во август донесе дополнителни измени кај инструментот на задолжителна резерва. Заради натамошна поддршка на процесот на денаризација на билансите на банките, донесена е одлука за зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски од 19 на 20 %, зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во денари со девизна клаузула од 50 на 100 %, како и пораст на процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута, која се исполнува во евра, од 77 на 80 %.
Монетарната поставеност е поддржана и со донесените макропрудентни мерки, односно зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и мерките поврзани со поставувањето прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка. Со овие мерки се зајакнува системската отпорност на банкарскиот систем, како и преносот на монетарните сигнали.
Во однос на одделните показатели релевантни за монетарните одлуки, домашната инфлација и натаму забавува и во јуни 2023 година се сведе на едноцифрено ниво од 9,3 % (11,3 % во претходниот месец) при поумерено забавување и кај базичната инфлација. Последните промени кај цените се во согласност со оцените на Народната банка за забавување на стапката на инфлација во рамките на априлскиот циклус проекции. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај сите три компоненти, при што најголем придонес за ваквата динамика имаат прехранбената и енергетската компонента. Сепак, инфлацијата е сѐ уште над историското ниво, а базичната инфлација упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени. Воедно, иако постои тренд на надолна корекција на цените на примарните производи што придонесува за намалување на домашните инфлациски притисоци, неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите заради војната во Украина сѐ уште постои, што наметнува потреба за претпазливост.
Во согласност cо меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на јуни е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на вториот квартал беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар, а овие трендови беа засилени и во текот на јули. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот април ‒ мај 2023 година е понизок од очекувањата за вториот квартал од годината, според априлската проекција. Податоците за менувачкото работење за вториот квартал од 2023 година укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто се повисоки од очекувањата за вториот квартал според априлската проекција.
Што се однесува до домашната економска активност, во првиот квартал растот на економската активност беше умерено повисок од проекциите на Народната банка, а високофреквентните податоци за периодот април ‒ мај 2023 година главно упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен. Така, и во овој период се бележи раст на индустриското производство, но истовремено кај прометот во вкупната трговија и градежништвото се забележува реален годишен пад, по нивниот раст во претходниот квартал.
Во монетарниот сектор, последните податоци заклучно со јуни 2023 година и натаму упатуваат на забрзан раст кај депозитите, којшто ги надмина очекувањата, со поволни поместувања во валутната и рочната структура, поточно пораст на штедењето во домашна валута и на долг рок. Кредитната активност постепено забавува, но и понатаму бележи солиден годишен раст, којшто главно е во согласност со априлската проекција за вториот квартал од годината.
Општо земено, инфлациските остварувања во комбинација со неизвесноста од надворешното окружување, којашто сѐ уште постои, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на подолготрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

