Економија
НБРМ: Соработка со банката на Португалија како дел од втората фаза од регионалната програма финансирана од ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/01/nbrm-6-.jpg)
Во рамките на втората фаза од регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на капацитетите на централните банки од Западен Балкан, двајца експерти од Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја искористија можноста да стажираат во Банката на Португалија (БП) од 1 до 7 јуни 2023 година. Главната цел беше да се продлабочи знаењето на експертите од НБРСМ за понатамошен развој на тековниот проект за спроведување интегриран систем за известување податоци од банките (ИСИДОРА) за статистички и супервизорски цели, информираат од Народната банка.
Стажирањето опфати три области на работа, кои се однесуваат на практиките на изготвување податоци во областа на статистиката, банкарската супервизија и информатичкиот систем и технологијата. Темите за кои се разговараше вклучуваа: организација на прибирањето податоци, изготвување, анализа, споделување и доставување податоци што се однесуваат на статистичкото (биланси и каматни стапки на монетарните финансиски институции) и супервизорското известување; интегриран процес на управување со податоците и краток преглед на ИТ-системите и аналитичките алатки. Експертите од БП активно ги споделуваа своите знаења и најдобри иновативни практики обезбедувајќи вредно искуство од прва рака, кое ќе помогне во процесот на спроведување на новиот систем за известување во НБРСМ, со што ќе се обезбеди понатамошно усогласување со меѓународните методологии и барањата за известување на европските институции, како и развој на институционалниот капацитет во овој контекст.
Втората фаза од регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки во Западен Балкан беше почната во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет централни банки од Европскиот систем на централните банки (ЕСЦБ) и со Европската централна банка (ЕЦБ). Европската Унија (ЕУ) издвои 3 милиони евра за програмата од нејзиниот инструмент за претпристапна помош (ИПА III).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Продолжен рокот за аплицирање за субвенции за 2024 година
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/05/476470-zemjodelcite-kje-dobijat-224.571.508-denari-subvencii.jpg)
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да излезе во пресрет на земјоделците кои до денес сѐ уште го немаат остварено своето право за поднесување на апликација за субвенции за 2024 година го продолжи рокот за аплицирање за субвенции за 2024 година.
Согласно oдлуката на vлада од првата седница, точка 13, рокот за аплицирање за субвенции за основните мерки за растително и сточарско производство се продолжува за период од 1 месец, односно крајниот рок за поднесување на апликации за субвенции од Програмата за директни плаќања за 2024 година е 31 Јули 2024 година.
„Ги повикуваме сите земјоделци кои го немаат реализирано оваа право, доколку не можат сами да креираат апликации да се јават во pодрачните единици на МЗШВ каде од страна на вработените ќе им биде креирана и поднесена апликацијата или самостојно да си поднесат апликација за субвенции за 2024 година согласно Програмата и Уредбата за директни плаќања за 2024 година“, се истакнува во соопштението од ресорното министерство.
Економија
Од полноќ се зголемува цената на мазутот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/benzin-gorivo-960x639-1-2.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,52 % во однос на одлуката од 24.6.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,061%, кај дизелот 0,419%, кај екстра лесното масло за 0,400% и кај мазутот зголемувањето е за 3,489%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,008%
Од 29.6.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 85,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 76,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 47,928 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,208 ден/кг и сега ќе изнесува 47,928 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во првото тримесечје годинава
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/evra.jpg)
Народната банка го објави редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, во првото тромесечје од 2024 година.
На 31 март, нето надворешниот долг изнесува 4.350 милиони евра (или 29,9% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во првиот квартал од 2024 година, е намален за 109 милиони евра, или за 2,4%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62%.
Во текот на првиот квартал од 2024 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 6 милиони евра и изнесува 8.506 милиони евра, односно 58,4% од проектираниот БДП за 2024 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следната врска.