Економија
НБРСМ: Новини во платежната сфера од 01 јануари – Советот на Народната банка донесе 12 подзаконски акти
Народната банка ги усвои подзаконските акти кои овозможуваат ефикасна примена на новините во платежната сфера
Советот на Народната банка усвои сет подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера која ја поставува Законот за платежни услуги и платни системи, чија примена ќе започне од 1 јануари 2023 година.
Примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги со тоа што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка. Така, од почетокот на следната година, покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања.
За извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата. Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса во случај на престанок со работа на институцијата или на банката и штедилницата каде што се чуваат.
Новата регулатива ќе овозможи и поголема заштита на правата на корисниците на платежни услуги, а особено на физичките лица кои се потрошувачи, преку стандардизирање на содржината на рамковните договори кои ги склучуваат со давателите на платежни услуги и обврзување на давателите на платежни услуги да им даваат целосни, јасни и навремени информации за платежните услуги кои ги нудат и условите за нивно извршување.
Особено значајна новина за потрошувачите ќе биде олеснетото споредување на надоместоците за услугите поврзани со платежната сметка. За оваа цел, Народната банка ќе објави листа на 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка кои потрошувачите најчесто ги користат. Со цел појасно претставување на понудените услуги на потрошувачите и нивна споредливост, давателите на платежни услуги ќе бидат должни, пред склучувањето на рамковен договор за користење на платежни услуги, да му дадат на потрошувачот информативен документ за надоместоците на услугите, според стандардизираните термини и дефиниции од листата на најрепрезентативните услуги.
Воедно, ќе бидат должни да ги достават до Народната банка и податоците за надоместоците за најрепрезентативните услуги што ќе ги нудат на потрошувачите. Тие податоци ќе бидат објавени веб-страницата на Народната Банка, што ќе им помогне на потрошувачите на лесен начин да да ги споредат надоместоците што ги нудат различни даватели на ваквите услуги. На овој начин, се очекува да се зголеми информираноста на потрошувачите и да се олесни донесувањето на одлуки од нивна страна за користење на платежни услуги од конкретен давател на платежни услуги. Споредбата на надоместоците на веб-страната на Народната банка се очекува да биде овозможена најдоцна до 30 септември 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

