Економија
Нема резултат од работењето на Државниот завод за ревизија
Институциите законски ги извршуваат своите должности, но нацијата е неефикасна, беше речено на денешната презентација на првиот од шесте квартални извештаи предвидени за оценка на законодавните и регулаторни одредби поврзани со работата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР).
Кредибилни информации за граѓаните во однос на трошењето и работата на јавните институции и нивна транспарентност треба да понуди проектот „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, преку кој во наредните 18 месеци ќе се изготвуваат извештаи.
Носителите на проектот Фондацијата за демократија на Вестминстер, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии во вторникот го презентираа првиот од шесте квартални извештај предвидени за оцена на законодавните и регулаторни одредби поврзани со работата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР).
Преку проектот и извештаите во наредните 18 месеци, со поддршка на британската амбасада, ќе се мери перцепцијата за транспарентност од страна на медиумите, Собранието, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување корупција, како и резултатите од работата на ДЗР од аспект дали нешто е преземено по наодите од ревизорот во овој Завод. Ќе се оценува дали пратениците и Собранието се свесни за моќта и улогата на работата што ја има ДЗР.
Британскиот заменикамбасадор во Македонија Пол Едвардс порача дека независните регулаторни тела се многу значајни за функционалност на демократијата.
„Може да се чини дека е малку ирелевантно да се зборува за ова прашање кога самата основа на парламентарната демократија е доведена во прашање, кога претседателот одбива да ѝ дозволи на коалицијата партии што имаат јасно мнозинство во парламентот да формираат влада. Но, јас не се согласувам. Ова не е нерелевантно прашање, ова е далеку од тоа да биде второстепено прашање. Работата што се одвива преку овој проект е од суштинско значење за демократијата“, рече заменикамбасадорот Едвардс.
Според него, ефективен Државен завод за ревизија постапува во име на граѓаните за оние што се на власт да сносат одговорност, има независност да види што можеби некој сакал да остане тајно и да оспорува доколку има потреба, како и способност да ги спроведува своите одлуки преку парични казни или други мерки.
„Вие вршите многу важна работа независно од протестите и политиките и меѓународните изјави што бараат претседателот Иванов да ја повлече својата одлука да не го додели мандатот. Знам дека по некоја фаза оваа криза ќе заврши, дека ова го велиме во последните две години, но не заборавајте дека вршиме многу значајна работа и британската амбасада секако нема да го заборави тоа“, рече Едвардс.
Според Марјан Николов од Центарот за економски анализи, за ефект од работата на ДЗР и финансиска отчетност и транспарентност се потребни првенствено политички консензус и законски измени.
„Како општество треба да донесеме консензус и да престанеме да увезуваме кредибилитет од разни институции од странство за нешто што треба да биде основен фундамент на една парламентарна демократија. Само во тој случај може да бидеме ефикасни како општество и да обезбедиме одржливост. Во спротивно постојано ќе гледаме кон некој од страна не само да ни дијагностицира состојби, туку и да упатува кон нас, а ние да прифаќаме по слободна волја условно речено нешто што не би сакале да прифатиме“, рече Николов.
Тој рече дека нема резултат од она што го работи Државниот завод за ревизија бидејќи дека општеството не ги бара и користи капацитетите и она што заводот го произведува.
Препорача да се направат одредени измени и дополнувања на Законот за државната ревизија, во Деловникот на Собранието и во организациската структура на комисиите во Собранието каде би се разгледувале извештаите на Државниот завод за ревизија.
Со законски измени, ДЗР може да добие и извршна функција, како што покажува практиката во други држави, како на пример во Бугарија, каде Државниот завод за ревизија може да издаде сертификат на политичка партија со којшто таа може да се легитимира пред Државна изборна комисија, а во Словенија главната ревизорска институција да влезе во банка и да ги разгледува трансакциските сметки на правните субјекти без судски налог.
Дамир Незири, програмски менаџер во Фондацијата за демократија на Канцеларијата на Вестмистер во Македонија, рече дека ДЗР успешно истражува и оценува каде се трошат јавните пари, но оти недостасува следење на препораките што ги дава до институциите.
„Тие треба да бидат под близок парламентарен надзор, односно во Парламентот се уште не се отвора дискусија за извештаите на ДЗР“, рече Незири и додаде дека ваква забелешка е нотирана и во Извештајот на Европската комисија./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

