Економија
Неопходно е унапредување на јавно-приватниот дијалог за спас на геодетската дејност, апелира Комората
Законската регулатива и јавно-приватниот дијалог треба да бидат поставени во насока на изградба на подобра бизнис-клима за раст и развој на економијата, но поради аномалии и нелогичности во законските и подзаконски акти и непостоењето на конструктивна соработка со Агенцијата за катастар на недвижности поголем дел геодетските друштва се доведени на работ на егзистенцијата, апелира Комората на трговски друштва за геодетски работи во која членуваат 140 правни субјекти, директно се вработени околу 800 физички лица, а се обезбедува егзистенција за околу 5.000 лица.
Комората, а преку неа и геодетски компании, како што велат од таму, во моментов се соочуваат со многубројни и различни проблеми.
„Актуелен проблем со кој се соочуваме е одземањето на јавните надлежности за издавање/одземање на лиценци за вршење на геодетски работи на Комората од страна на Агенцијата. Ингеренциите се одземени само поради еден случај во кој Управниот одбор на Комората одлучи да не се одземе лиценца за работа на трговско друштво кое врши геодетски работи бидејќи сметаше дека не се исполнети условите за да не донесе таква одлука. Потенцирам дека во гласањето за носење на ваква одлука учествуваа и тројцата членови на УО кои се делегирани од директорот на Агенцијата. И покрај тоа што согласно законот ова решение е конечно и извршно, Агенцијата достави укажување до Комората во кое бара да се преиначи веќе донесеното решение. Ваквото укажување е директно и грубо мешање во независното работење на Комората без законски основ поради што и не се постапи по него, а по што следуваше решение на Агенцијата со кое се одземаа јавно пренесените ингеренции на Комората за издавање/одземање лиценци. Законот и подзаконските акти не предвидуваат како да се постапи во ваков случај, поради што немаме решение за тоа како да течат процесите како што се издавање и одземање лиценци, промена на седиште, згаснување на правен субјект и др. Поради правниот вакум во кој Агенцијата самата се вовлече, истата во моментов се обидува да ја преземе оваа надлежност, но не може бидејќи комисијата која го прави тоа е орган на Комората, на жиро-сметка на Комората се уплаќаат предвидените надоместоци, а документите ги потпишува претседателот на Комората“, изјави претседателот на Комората, Никола Рибароски.
„Следниот проблем со кој се соочува секторот е начинот на функционирање на УО, кој се состои од 7 членови од кои четири се избираат на Собрание, а тројца се назначуваат од директорот на Агенцијата. Овој начин на избор директно ја ограничува законски пропишаната независност на Комората. На нашите иницијативи да се промени структурата на Управниот одбор добиваме објаснување дека тоа е така затоа што имаме јавни овластувања. Но ова тврдење не може да биде издржано бидејќи и други комори, како онаа на архитектите и инженери, адвокати и др. исто така имаат јавни овластувања, но немаат ниту еден член во раководните структури делегиран од државна институција.Во овој случај има и ситуација на судир на интереси, бидејќи Агенцијата го контролира работењето на Комората, а има тројца членови во УО кој ја води Комората“, истакна Рибароски.
Објаснува дека подолго време горливо прашање е и Тарифникот за висина на надоместок за извршени геодетски работи, кој, како што вели, не е променет од 2013 година, кој е со многу грешки и нелогичности, а за кој имаат реакции и од многу држани институции.
Рибароски истакна дека за надминување на овие проблеми потребни се итни и конкретни решенија за чие донесување е неопходно да се заземе Владата, бидејќи и покрај сите залагања не може да се воспостави конструктивна соработка од Агенцијата за Катастар на недвижности за креирање заеднички услови за опстојување, унапредување и развој на професијата.
Од таму се дополнува дека во изминатиот период биле остварени неколку средби, но тие како што додаваат не придонеле за позитивен развој на работите. Затоа Комората јавно бара Владата да се заложи за реализирање на следните активности: Враќање на јавните овластувања на Комората со цел да нема дисконтинуитет во работењето на геодетските друштва; Промени во структурата на УО на Комората со донесување на ново законско решение; Прецизни насоки со кој би се усвоил нов Тарифник; Вклучување на Комората во подготовка на сите нови законски решенија за да може кога тие ќе се носат да бидат апликативни и одржливи решенија кон ќе придонесат за развој на секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

