Економија
„Ние сме луѓе, а не бројки на хартија“, вработени од „Фени“ протестираат пред судот во Велес

Вработени во „Фени“ со транспаренти протестираат пред судот во Велес каде што повторно се разгледува планот за реорганизација на комбинатот. Преку пораки „Крај за стечајот“, „Не ми го чепкај лебот“ и „Живот за Фени“ , тие бараат на денешното рочиште да се донесе конечна одлука и да заврши на стечајната постапка.
„Стечајот многу се одолговлече. Тука бевме и во мај и во јули и еве во ноември. Маката нè тера. Тука сме да дадеме поддршка уште еднаш, да се стави крај на нашата агонија. Сè е кристално јасно. Ние работиме, земаме плати редовно, произведуваме, исплатени се доверителите, не ни е јасно зошто некој си поигрува со нашите судбини. Бараме од судот и сите надлежни институции ова да биде последно наше доаѓање, тука да биде крајот на стечајот. Ние сме луѓе, а не бројки на хартија и никој не смее да си поигрува со нас и нашите семејства, тука сме и секогаш ќе бидеме спремни да се избориме за ‘Фени’ и за нашата иднина“, рече Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација на „Фени“.

Бараме од судот и сите надлежни институции ова да биде последно наше доаѓање, тука да биде крајот на стечајот. – Вработени во „Фени“ пред судот во Велес
Денеска судот во Велес повторно одлучува за планот за реорганизација на „Фени“, откако Апелацискиот суд одлучувајќи по жалба од дел од доверителите го врати на повторно разгледување. Од „Фени“ објаснија дека планот е вратен на повторно одлучување поради административни забелешки, за кои веднаш по одлуката на Апелација тие доставиле известувања и ревидиран план.
Откако со комбинатот под закуп стопанисува швајцарски ГСОЛ преку македонското претставништво „Еуроникел“, вработени во „Фени“ ги следат сите судења. Во мај годинава кога собранието на доверители го изгласа планот за реорганизација на „Фени“ предложен од ГСОЛ, вработените кои стоеја пред судот прогласија победа и почнаа да слават оти изгласаниот план за нив значи крај на стечајната постапка. Но одлуката ја обжалија дел од доверителите, што ја издолжи постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.
Економија
Од 7 октомври годинава побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите, најави Народната банка

Започнувајќи од 7 октомври 2025 година, граѓаните и компаниите ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, соопшти Народната банка.
„Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји“, се наведува во соопштението.
Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Од Народната банка велат дека останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие 9 банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.
Економија
„СДС и Николовски се тие кои ги оставија земјоделците на цедило со неисплатени субвенции“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС продолжува да лаже и манипулира. Ниту откупната цена на пиперка е 20 денари по килограм, ниту откупот е запрен. Динамиката за откуп на индустриската пиперка-ајварка се одвива непречено и во согласност со договорените услови со производителите, откупувачите и преработувачите“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Во договор со сите заинтересирани страни утврдено е откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус.
Согласно договореното целата произведена пиперка ќе биде откупена и тоа добро го знаат земјоделците. Само СДС бара тема и причина да создава паника кај населението, во случајот земјоделците.
Земјоделците многу добро се сеќаваат на периодот на власт на СДС, кога родот на земјоделците завршуваше на буниште, наместо во откупни центри по јасно утврдени правила.
Земјоделците, исто така, паметат и кој ги остави без субвенции, така што со преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата, наследи долг од милијарда денари неисплатени субвенции.
А, за период од година и половина, актуелната влада исплати околу 11 милијарди денари за заостанати и тековни субвенции на околу 70 илјади земјоделци.
Ако некој земјоделството го клекна на колена и земјоделците ги остави на цедило, тоа се токму СДС со нивниот министер, Љупчо Николовски, кој наместо со нив на нивите, шеташе по белиот свет на државен трошок.
Министерството активно ја следи ситуацијата на терен и владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е партнер и ги штити интересите на земјоделците“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.