Економија
Николовски: Лозарите ќе бидат исплатени во најбрз можен рок
Државата ќе го исплати долгот што винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“ го имаат кон лозарите во најбрз можен рок, ова денеска во Кавадарци им го соопшти на лозарите од тиквешкиот регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Притоа министерот изјави дека со ваквата одлука на Владата ќе бидат опфатени сите лозари кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои што во тој период биле регистрирани во регистарот на МЗШВ, а обврските не им биле подмирени, односно не добиле пари за предаденото грозје. Николовски посочи дека в понеделник ќе се направи измена на Законот за земјоделство и рурален развој, а во вторник на владина седница ќе се донесе одлука со која државата ќе го преземе долгот кон лозарите кои побаруваат пари за грозје предадено пред во посочениот период, за да бидат исплатени во најкус можен рок.
„Заокружуваме еден процес во кој што бевме сите, ние како ресорно министерство, ДИЗ, Платежна агенција, градоначалниците и пратениците од Тиквешкиот регион, лозарите . Државата согласно Законот за земјоделство и рурален развој и итните измени на законот кои пратениците од Тиквешкиот регион ќе ги предложат во понеделник ќе го овозможи правниот основ да државата ги преземе овие обврски и тоа ќе биде за сите оние лозари кои го предале грозјето во периодот 2014-2016 во регистрирани винарници кои биле регистрирани во тој период во МЗШВ но обврските не биле подмирени, а тоа се и винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“.Правна можност постои и со премиерот договоривме во четврток на посебна владина седница, да се измени Програмата и Уредбата за директните плаќања за 2019, со која ќе се создадат услови за исплата на парите. Веднаш по евиденцијата од страна на Инспекторатот и Платежната агенција, ќе се исплатат парите кон лозарите од над 1.5 милиони евра. Ова е вистински пример на грижа на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“, изјави министерот Николовски.

Николовски изјави дека во изминатиот период биле констатирани долговите кон лозарите за грозје откупено во претходните неколку години. Порача дека е недозволиво тоа што го правеле во минатото некои регистрирани субјекти кои откупувале грозје и го ставале под залог, правеле вино и извезувале, а грозјето не го плаќале.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев посочи дека задоволството е огромно, особено за лозарите од тиквешкиот регион кои егзистираат од оваа земјоделска гранка.
„Веќе имаше гнев поради неплатени обврски кон лозарите повеќе од четири години. Добро е што ова сега се реши во така брз период, што за мене претставува гордост. Сите кои учествуваа во овој процес напорно работеа како за свои пари, за да може да се обесштетат лозарите. Добро е кога сите сме задоволни“, изјави градоначалникот Јанчев.
Пратеникот Панчо Минов изјави дека има решение и за каматите и судските трошоци на лозарите кои побаруваат пари за грозје продадено пред неколку години.
„ По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винарниците. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. Голема работа се постигна благодарение на соработката меѓу повеќе субјекти“, изјави Минов.
Присутните лозари ја поздравија одлуката. Воедно министерот Николовски им порача на лозарите дека до празникот Свети Трифун ќе ги добијат субвенциите за одржување на лозови насади за успешно да ја започнат новата производствена сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

