Економија
Николовски по средбата со откупувачите на тутун: Тутунарите утре добиваат анекси на договорите, со зголемена цена од 365 денари на целокупната предадена количина тутун
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на ДИЗ, Јане Станкоски и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, денеска во Прилеп одржа редовен работен состанок со откупувачите на тутун. На состанокот со откупувачите се разговараше за тековниот откуп на тутун, просечната откупна цена, како и за мерки што би значеле доголорочен развој и одржливост на тутунопроизводството.
„Како и секоја година така и оваа, навремено уште пред почеток на бербата и откупот, ги започнавме разговорите меѓу откупувачите и тутунарите, за да дојдеме до цена прифатлива за двете страни, цена која е фер и ја почитува маката на тутунарите. Нашата упорност, но и обединетоста на тутунарите, придонесе овие денови да гледаме уште едно зголемување на откупната цена за 35 денари, доаѓајќи до просечна цена од 365 денари по килограм. Овде во Прилеп договоривме дека и другите откупувачи ќе ја следат зголемената цена, и најдоцна до утре сите ќе направат анекси на договорите, за целокупната количина предаден тутун“, истакна по средбата со откупувачите на тутун, Николовски.
Тој додаде дека покрај цената, заедно со откупувачите на средбата се разговарало и за мерките и политиките што треба да допринесат во сигурен развој и одржливост на тутунопроизводството.
„Во таа насока, за оваа година, креиравме нови мерки за поддршка на тутунарите, основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Тутунарите преку оваа нова мерка, за прв пат, стекнуваат право и за мерката зелена нафта, во износ од 12.000 денари по хектар. Оваа реклота за 20 денари ја зголемуваме субвенцијата по класи за предаден тутун. Секој еден тутунар покрај овие 365 денари откупна цена на тутунот, би добил и 100 денари по килогам, субвенција за предаден тутун од прва класа. Вкупна поддршка за прва каласа тутун од 465 денари добива секој тутунар“, изјави Николовски.
Според него, веќе на 19 и 20 февруари е закажан нов состанок на кој работна група од министерството, заедно со претставници на откупувачите и тутунарите ќе ги разгледува предлозите за измени во законот за тутун.
Според надлежните од министерството, тутунарите се задоволни.
„Имаме фер цена, зголемена по втор пат оваа сезона. Претходното зголемување на цената беше уште во декември 2023 година, за 10% по одлуката која ја донесе Тутунскиот Комбинат Прилеп, а другите откупувачи и тогаш го следеа овој пример и ги зголемија цените“, вели Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се доближи до историскиот просек
Домашната инфлација е значително намалена во однос на врвот од крајот на 2022 година и е сведена на едноцифрено ниво. Просечната инфлација во 2025 година досега се движи околу 4%, а врз основа на сите расположливи претпоставки и мерките преземени досега од Народната банка, очекуваме дека инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се приближи кон историскиот просек, изјави вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to business (Повторно на работа):Економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“, посочувајќи дека Народната банка, во услови на ризици и неизвесност, и натаму ќе биде доследна во своите напори за навремено приспособување на политиките.
На Конференцијата стана збор и за состојбите во домашниот банкарски систем, при што се заклучи дека тој е сигурен, стабилен и отпорен.
„Банкарскиот систем не само што ја задржа стабилноста и сигурноста во вакви околности, туку и дополнително ја зајакна својата отпорност. Солвентноста на банкарскиот систем изнесува од 19,6%, што е највисоко ниво од 2006 година наваму, а ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио се солидни, поради што системот е подготвен за ублажување на потенцијалните шокови“, посочи вицегувернерката Митреска.
Во однос на светската геоекономска фрагментација и потребата за поголема регионална интеграција, според Митреска, поголемото регионално економско поврзување не треба да се сфаќа како оддалечување или намалување на зависноста од светските текови, туку како алатка којашто на регионот ќе му овозможи поголема конкурентност.
Во оваа смисла, таа го истакна и вклучувањето на нашата земја и на уште неколку земји од регионот во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, придонесувајќи за поголема економска поврзаност на регионот, негова поголема конкурентност и за побрза конвергенција кон доходот на ЕУ.
Економија
Вицегувернерката Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба
„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.
Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.
„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.

