Економија
Николовски: Создаваме услови за развој на преработувачката индустрија и обезбедување сигурен пласман за земјоделските производи
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ,денеска на градскиот пазар во Валандово имаше средба со земјоделците од овој регион. На средбата се разговараше за актуелните состојби во земјоделството, предлозите на земјоделците од Валандовскиот Регион и мерките што ги презема Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство. Министерот Николовски на земјоделците им порача дека обезбедувањето сигурен пласман и решавање на проблемот со вишоците земјоделски производи е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија за што МЗШВ презема низа активности преку мерките од ИПАРД 2-програмата, Програмата за рурален развој и проектите со меѓународните партнери од областа на земјоделството.
„Пред само два дена почнавме со склучување на првите договори за реализација на инвестции во преработувачката индустрија, односно за нови производствени капацитети, за модернизација на постојните или за набавка на нова опрема, со забрзана процедура на склучување на договорите. Сето тоа е за поддршка на преработката на земјоделските производи, а сè со цел да го решаваме проблемот со вишокот производи, да обезбедиме сигурен пласман, да има повисоки откупни цени преку продажба на готови производи со поголема додадена вредност. Преку Програмата за рурален развој воведовме низа мерки за поддршка на преработувачката индустрија, а со тоа и за обезбедување сигурен пласман. Одвоивме 4 милиони евра преку мерката „Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи“, со која се овозможува предфинансирање инвестициски проекти во висина од 100 отсро од износот на предлог-проектите, кои се однесуваат исто така на преработувачката индустрија, а со тоа и на поддршка на пласманот“, изјави министерот Николовски.
Во рамките на посетата на Валандово, министерот Николовски имаше работна средба со менаџментот на компанијата за преработка на зеленчук и овошје „ Дин- комерец“, која што е извозно ориентирана и своите производи ги пласира на пазарите во Европа, Америка и Канада.
Инаку, минатиот месец во Вланадово министерот Николовски го потпиша договорот со компанијата изведувач на градежните работи „Штрабаг“ за реализација на втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар. Инвестицијата е во вредност од 24,3 милиони евра, а со реализацијата на овој проект земјоделците ќе имаат модерен систем за наводнување, кој ќе обезбеди навремено и квалитетно наводнување над 2.000 хектари земјоделска површина.
Николовски посочи дека преку мерките од Програмата за рурален развој наменети за општините МЗШВ им овозможува на општините да аплицираат за проекти за капитални инвестиции во инфраструктурата, изградба на локални патишта, домови, зелени пазари, урбана опрема и друго, што ќе придонесе за подобрување на кавлитетот на животот во руралните средини. Неодамна Владата преку Програмата за рурален развој обезбеди 38 милиони евра за поддршка на 206 проекти на општините што конкурираа на повикот што се објави минатата година. На огласот конкурира и Општина Валандово и ѝ се одобрени 2 проекта.
„На повикот што се објави минатата година конкурира Општина Валандово, еден од прифатените проекти се однесува на изградба на пат и канал за поврзување на регионалниот пат со населеното место Горна Маала. Тоа е еден проектите за кои Валандово ќе добие решение за спроведување и ќе треба да ја спроведат јавната набавка. Би сакал да потенцирам дека на секој начин преку нашите програми и преку новите мерки жителите од руралните средини ќе добијат силна поддршка од МЗШВ“, изјави министерот Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

