Економија
Николоски: Македонија добива голем сојузник во Британија и стратешко партнерство
Македонија постигна договор за стратешко партнерство со Велика Британија, кој, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, претставува историски исчекор за земјата и нејзино позиционирање на светската сцена.
На гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител, Николоски изјави дека договорот е резултат на повеќегодишен процес кој започнал уште додека биле во опозиција, потенцирајќи дека станува збор за „највисоко можно ниво“ на билатерални односи со една од највлијателните земји во светот.
„Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и ќе се бележи во историјата на Македонија. Постигнавме стратешко партнерство со втората светска сила“, истакна Николоски, додавајќи дека Велика Британија е „единствената кралска империја која преживеа, нуклеарна суперсила и земја со глобално културолошко влијание“.
Според него, овој договор ја става Македонија на радарот на британскиот премиер и значително ќе придонесе како на политички, така и на економски план.
„Да успееме да дојдеме на мапата на премиерот на Велика Британија и да се постигне ваков договор, зборува многу. Ова ќе значи многу за Македонија, особено во делот на политиката и економијата“, рече тој.
Николоски посочи дека за Македонија е особено важно да има големи сојузници, како што се Велика Британија и САД, ако сака да ги заштити своите национални интереси и човековите права на Македонците.
„Големите битки се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се бориме ниту за човековите права, ниту за нашите интереси без поддршка. Овој договор покажува во каква позиција сме денес“, заклучи Николоски.
Тој соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада.
„Ова беше процес кој што траеше со месеци, ексклузивно ќе кажам дека уште кога бевме во опозиција оствaривме иницијални контакти на оваа тема. Остваривме стратешко партнество со втората светска сила. Договорот за стратешко партнерство е со голем сојузник“, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека Коридорот 8 и Коридорот 10 треба паметно да се искористат, два договори кои ги вклучува политичката соработа.
Договорот Влада со Влада каде ќе се воспостави партнерстово со Велика Британија.
„Транспорт и здравство се најважни сегменти на овој договор Влада со Влада. Имаме неограничена временска рмка за користење на овие расположливи средства. Во мометнот имаме спремни два проекти кои се околу 2,2 милијарди евра. И тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме“, рече Николоски.
Брза железница на коридорот 10 е едниот проект и ќе се користи постојната рута. Вториот проект е изградба на Клиничка болница во Штип.
Николоски оцени дека ова партнерство значи инвестиции во транспортот, здравството, образованието, одбраната, нови работни места и силна економија и стратешка позиционираност на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

