Економија
НЛБ банка Скопје во соработка со „Триглав осигурување живот“ лансира нов производ Unit Linked – осигурување живот со инвестиции
НЛБ Банка Скопје, во соработка со Триглав Осигурување Живот, ја збогатува својата понуда на небанкарски финансиски производи и воведува нов производ – Unit Linked, продажба на осигурителни полиси за инвестициско осигурување на живот.
Unit Linked е производ преку кој средствата на клиентот се вложуваат во инвестициски фондови, со истовремено издавање на полиса за животно осигурување. Притоа клиентот, согласно своите можности и потреби, го избира износот на осигурената сума. Исто така, клиентот согласно своите преференци може да избере помеѓу два осигурителни продукти: осигурување на живот со или без штедна компонента. За целото времетраење на договорот, клиентот има животно осигурување на договорената сума, а по истекот на договорот, износот кој му се исплаќа ја содржи осигурената сума, како и остварениот принос по основ на инвестиции.
Партнерството помеѓу двете компании беше официјализирано со формално потпишување на договор за соработка од страна на Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Антонио Аргир и Генералната директорка на Триглав Осигурување Живот, Вилма Учета Дузлевска на кое присуствуваа и членови на управата на НЛБ Банка Скопје и управата на Заваровалница Триглав – матичната компанија во Групацијата Триглав.

„НЛБ Банка Скопје, во партнерство со Триглав Осигурување Живот, уште еднаш ја потврдува заложбата за воведување на нови, современи производи и е првата Банка на пазарот која во своето портфолио на финансиски производи воведува инвестициско осигурување на живот. Воведувањето на новиот производ е во согласност со стратегијата на Банката за унапредување на понудата и овозможување на сеопфатни финансиски услуги за клиентите. При тоа, Банката, во улога на финансиски супермаркет, ќе може да понуди сеопфатно финансиско советување и оптимално управување со средствата на клиентите, со што обезбедува производи за моментални финансиски потреби и идна финансиска стабилност. Во услови кога каматните стапки на традиционалните депозитни производи го имаат достигнато историски најниското ниво до сега, воведувањето на иновативни финансиски производи е уште позначајно, бидејќи на овој начин на клиентите им овозможуваме различни можности за инвестирање на сопствените средства. Unit Linked производот нуди двојна придобивка, осигурување на живот и можност за остварување на дополнителен принос на вложените средства преку нивно инвестирање во инвестициски фондови. Силно веруваме дека преку соработката со Триглав Осигурување Живот, во кој препознавме сигурен деловен партнер, ќе овозможиме и други иновативни производи во интерес на нашите клиенти“, истакна Антонио Аргир, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на потпишувањето на договорот.

Давид Бенедек, член на Управата на Заваровалница Триглав, Матична куќа на Групацијата Триглав, ја поздрави иницијативата за партнерство, го честита потпишувањето на договорот за соработка и истакна:
„Ја цениме соработката со НЛБ Банка како значаен деловен партнер и со неа ги потврдуваме нашите намери за присуство и зајакнување на Триглав како осигурителен партнер на пазарот за осигурување и преку банко-каналот. Во некои земји низ регионот со НЛБ Банка успешно соработуваме. Силно верувам дека ова е само почеток на успешна меѓусебна деловна соработка во еден нов сегмент од осигурувањето, и дека истата ќе расте и ќе се развива како на овој така и на другите пазари каде што сме присутни. Активно сме насочени кон зајакнување на позицијата на целните пазари, а она што може да гарантираме со нашата традиција е квалитет и стандарди во работата што ги негуваме како Групација“.
За директорката на Триглав Осигурување Живот, новиот производ, кој произлегува од соработката со НЛБ Банка Скопје, претставува значајна новина која ќе придонесе за збогатување на понудата на домашниот пазар на финансиски услуги.

„Нѐ радува соработка со НЛБ Банка Скопје бидејќи во неа гледаме начин за подигнување на стандардите во понудата на производите за осигурување на живот поврзани со удели во инвестициски фондови. Банките традиционално се предводници во финансискиот сектор на овој пазар, компаниите за животно осигурување стануваат значаен сегмент во финансиската структура на земјата, а инвестициските фондови се сѐ поприфатлив избор при алоцирање на инвестициите. Поврзувањето на сите три сегменти на овој пазар на граѓаните ќе им донесе нова и квалитетна понуда, со транспарентен пристап во достапноста на информациите и високо ниво на корисничко искуство. Како Компанија сме посветени на јакнење на банко осигурувањето и препознатливи по иновативниот пристап на пазарот. Овој производ е целосно ориентиран кон клиентите, сами ќе одлучуваат за висината на осигурувањето и висината на инвестицијата, а ние ќе бидеме клучна поддршка во целиот процес. Со НЛБ Банка Скопје градиме цврсти деловни релации и уверени сме дека ова партнерство ќе овозможи уникатен пристап и понуда од која придобивки ќе имаат сите наши сегашни и идни клиенти“, истакна Вилма Учета Дузлевска, Генерален директор на Триглав Осигурување Живот на потпишувањето на договорот.
Производите кои во следниот период ќе бидат предмет на оваа соработка меѓу НЛБ Банка Скопје и Триглав Осигурување Живот се: Ризико осигурување на живот врзано со инвестициски фондови и Мешано осигурување на живот (со штедна компонента) врзано со инвестициски фондови, при што клиентите може да ја одберат опцијата за еднократна или повеќекратна уплата на премијата за времетраење на договорот.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

