Економија
Нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра и околу 1000 нови работни места
Потпишан e договор за државна помош со „Дрекслмајер“. Станува збор за нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра и околу 1.000 нови работни места
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и управителите на „Дрекслмајер“, Јозеф Кауфман и Лукас Мирингер, го потпишаа договорот за државна помош за реализација на новата инвестиција на оваа германска компанија.
Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор за нова инвестиција на германската компанија „Дрекслмајер“ е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис-клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите. Тој потстети дека од септември 2020 година потпишани се 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а дополнително ова е вкупно петти договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјата (ВИК-втора фаза, Ипротекс, Пурпласт и Дрекслмајер и Магна) во овие 8 месеци.
„Ова значи, дека од септември 2020 вкупно 53 инвестициски проекти, со поддршка на државата се во тек, со вкупна вредност од 95,7 милиони евра и отвораат околу 2.000 работни места за граѓаните. Денеска го потпишавме договорот за државна помош со компанијата ‘Дрекселмаер’ за нов инвестициски циклус од 16 милиони евра и 1.000 нови работни места. Инвестициите на ‘Дрекслмајер’, направени изминатите 9 години, но и оваа нова инвестиција, покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис-услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот се осврна на мерките за поддршка кои се наведени во договорот со „Дрекслмајер“.
„Компанијата ќе добие поддршка во форма на ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата, односно за оние кои ќе бидат дел од овој проект, за период до 10 години, како и ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестицискиот проект, за период од 10 години. Исто така ќе се изврши исплата кон ‘Дрекслмајер’ во форма на готовински грант во износ од 10% од износот на оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000 евра, на годишно ниво, за максимум пет години, како и исплата форма на готовински грант во износ од 2.000 (две илјади) евра, по вработен, за креирање нови работни места, а особено е важно што оваа поддршка се однесува за оние работни места, за кои континуирано се исплаќа месечна нето-плата повисока за најмалку 50% од висината на минималната нето-плата пропишана со Законот за минимална плата на Република Северна Македонија“, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи изрази задоволство со тоа што со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот во нашата земја, а поради тоа што воведување нова производна линија во погонот во Кавадарци и отворањето на новиот производствен погон во Куманово, ќе отворат нови можности за граѓаните од овие општини, но и ќе влијаат на локалниот економски развој.
„Ова особено го потенцирам за Куманово, град кој припаѓа во Североисточниот Плански Регион, регион којшто има втор најмал бруто-домашен производ по жител и најмалку учествува во создавањето на вкупниот бруто-домашен производ. Верувам дека гигант како ‘Дрекслмајер’ ќе помогне оваа слика да се промени и во економска смисла да го раздвижи Куманово, кој е навистина на атрактивна локација, на спојот помеѓу двата паневропски коридори 8 и 10, но и целиот регион“, додаде вицепремиерот Битиќи.
Управителите на „Дрекслмајер“, Јозеф Кауфман и Лукас Мирингер, ја истакнаа добрата соработка со Владата на Република Северна Македонија, а се заблагодарија и на нивните меѓународни партнери Дајмлер (Daimler) и БМВ (BMW), која придонесе за реализација на новата инвестиција. Воедно тие изразија задоволство од соработката што ја имаат со домашните компании, при што истакнаа дека „Дрекслмајер“ соработува со околу 700 компании во Република Северна Македонија. Во Куманово и Кавадарци ќе се инвестира двоцифрен милионски износ во новите производствени компании и ќе се отворат преку 1000 работни места, соопштија Кауфман и Мирингер.
Компанијата „Дрекслмајер“ е светски познат бренд во автомобилската индустрија, со главна дејност производство на кабелски сетови (комплетни електрични системи), а помеѓу нивните клиенти има многу кои припаѓаат на топ 100 автомобилски добавувачи, како што се Audi, BMW, Bugatti, Cadillac, Jaguar, Lamborghini, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, MINI, Porsche и Volkswagen. Оваа компанија е присутна во нашата земја од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи во земјата.
Со новата инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на проектот на Mercedez-Benz, E-Class во постоечкиот производствен погон во индустриската зона Телот во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти Mercedez-Benz и BMW за проектите E-Class, G-Class и BMW CLAR WE.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

